Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на годинашниот 34. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Директорката на фестивалот Лабина Митевска, денеска на прес-конференција со прогласувањето на Алкаин, најави дека ќе дојде на битолскиот Фестивал:
– Хосе Луси Алкаин е големо име и големо е задоволството што по четири годишно убедување успеавме да добиеме потврда дека за време на целиот фестивал ќе престојува во Битола. Иако има 75 години Алкаин е премногу активен и се уште работи и среќни сме што ќе бидеме заедно со него, посочи Митевска.
Хосе Луис Алкаин е главен кинематографер на славниот шпански режисер Педро Алмодовар и заедно имаат работено многу филмови: „Жени на работ на нервен слом“ (1988, со Кармен Маура и Антонио Бандерас), „Врзи ме“ (1990, со Викторија Абрил), „Лошо образование“ (2004), Враќање (2006, со Пенелопе Круз), „Кожата во која живеам“ (2011), „Многу сум возбуден“ (2013).
Алкаин заедно со режисерот Фернандо Труеба во 1994 г. го освои Оскарот за најдобар странски филм, за романтичната комедија Belle Epoque.
Освен Оскар, има добиено голем број награди, меѓу кои 5 Гоја награди- шпански еквивалент на Оскар, Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер за „Враќање“ на Алмодовар.