Од 1 000 до 1 500 евра се движи цената која во Македонија се наплаќала за пополнување на формулари и апликации за бугарско државјанство, јавуваат бугарските медиуми.
Илија Ангелов, заменик-министер за правда на Бугарија изјавил дека по тешки преговори со Скопје сепак оваа активност е ограничена. Бугарските власти коментираат дека не е тајна дека се тргува со бугарското државјанство.
Главниот мотив на кандидатите да станат Бугари е по добивањето на пасошите да заминат за Западна Европа, каде што си бараат работа со нашето државјанство, пишува бугарскиот весник „Монитор”.
Во 2013 година имало 17 500 барања за државјанство, а до крајот на јуни оваа година тие достигнаа едвај 7 800.
Најголемиот број кандидати за бугарско државјанство се од Македонија – 3900 лица, потоа оние од Молдавија – 934 Украина – 761, и Србија – 415.
Мераклии за бугарски пасош има и од Албанија и Косово. Во 2013 година 1 041 Албанци побарале бугарско државјанство, а оваа година – само 202. Има и 250 Косовари кои аплицирале минатата година, и 98 за оваа година.
Од бугарското Министерство за правда велат дека сепак е направен строг ред за издавање на декрети за бугарско државјанство.
-Треба да се разбере дека бугарското државјанство не е за продажба, порачуваат од Министерството за правда во Бугарија.




