Иницијативата на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) за намалување на драконските казни кои беа закана за опстојувањето на бизнисите е усвоена.
Како што вели претседателката на Сојузот, Данела Арсовска, со измените во Законот за прекшоци, покрај промените во намалување на глобите се предвидува и воведување на можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата во насока на отстранување на недостатоците.
Со новите законски измени компаниите сметаат дека ќе чувствуваат помал притисок при спроведување на одредени законски процедури.
Законите за прекршоци, за општа управна постапка и за парнична постапка, Собранието ги изгласа со двотретинско мнозинство. Во Законот за прекршоци суштинска новина е воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно со економската моќ на субјектите и можноста за опомена спрема правните лица и трговците поединци.
Според вицепремиерот Зоран Ставрески, измените во законот за прекршоци даваат шанса за развој на бизнисот.
„Казната доколку мора да се изрече, нема да влијае значајно врз работењето на фирмата. Целта на казните не е да влијаат врз работењето на фирмите, туку да го опоменат оној што го прекршил законот и да се корегира, да продолжи понатмау со работата. На ваков начин со определување на казните согласно големината на фирмите ќе се постигне таа цел“, изјави Ставрески.
Измените ги поздравија и од Либералната партија. Комисијата за економија и финансии при Либералната партија ја поддржува политиката на намалени и избалансирани казни за деловните субјекти.
– Овие заложби се дел од либералните политики на партијата за здрава деловна клима и можности за развој на компаниите. Ја користиме приликата да ја потсетиме јавноста дека овие заложби подолго време се во фокусот на вниманието на партијата и имаа силно влијание во донесувањето на новите законски прописи во Собранието на вчерашната собраниска седниц, велат оттаму.
Комисијата при ЛП смета дека има закони и законски прописи кои може да се третираат двосмислено од страна на инспекциските служби и затоа овие усвоени измени во законите кои ги третираат казните се добредојдени за фирмите во Македонија.
– Сепак овие измени се недоволни за да се подобри драматично деловната клима поради долгогодишната пракса на селективност на инспекциските служби при изведување на овие законски обврски. Инспекциските служби добиваат задача за вршење инспекции само во одреден број на деловни субјекти по неколку пати, за разлика од фирмите блиски на власта кои се поштедени од ваквите чести “посети”, се вели во нивната реакција.
Оттаму дополнуваат и дека останува да се направи потешкиот дел, а тоа е изградбата на систем на еднаквост при посетите на инспекциските служби како и еднаков третман во законските прописи и нивното спроведување помеѓу приватните деловни субјекти, јавните претпријатија и државните органи.
– Само целосен опфат на овие три елементи може да ги даде посакуваните ефекти во економијата на Македонија, смета Комисијата при Либералната партија.

