Десет минути пред почетокот на денешната седница на Анкетната Комисија за прислушувањето, владејачката партија писмено соопшти дека првиот сведок премиерот Никола Груевски поради работни обврски нема да може да присуствува. Иако побаравме став и од владејачката партија и од Владата на Република Македонија сè до објавување на овој текст тие не одговорија што беше толку приоритетно за премиерот да не се појави на предвиденото сведочење денеска, но пратеникот Павле Саздов на денешната седница рече дека Груевски е на службен пат надвор од Македонија.
Груевски, Ставрески, Јанкулоска, Јанакиески, Мијалков и Протуѓер се први предложени сведоци кои пред Комисијата треба да дадат свое видување за аферата со прислушувањето. Нив претседателот на Комисијата Петре Шилегов ги повика писмено да ја известат Комисијата кога би можеле во рокот од 9 до 15 декември да се појават на сведочење, а откако не го сторија тоа тој јавно ги повика на сослушување од кои за денеска одреди да се појави Груевски.
-Груевски и Ставревски во предвидениот рок не ја известиле Анкетната комисија за можноста за присуство на седниците во дадените термини од 9 до 15. За волја на вистината утрово, два дена по истекот на рокот Ставрески извести дека ќе може да присуствува и да даде исказ на 17 декември после 14 часот што е надвор од роковите што Комисијата ги зададе за сослушување на овие сведоци. Согласно тоа, не може да биде земено во предвид ваквото известување бидејќи не е доставено навреме и е надвор од договорените термини. Од Груевски не е стигнато никакво известување за неговата неможност за присуство, посочи Шилегов.
Тој вели дека Анкетната Комисија е орган на Собранието, а пред органите на оваа држава сите се исти, а можноста на одредени функционери да сами одлучат кога би се појавиле е бенефит, кој тие не го искористиле и не се произнеле досега.
-Отидовме еден бенефит повеќе да на овие луѓе им даваме некаква можност да се произнесат, инаку органите на оваа државата не ги прашуваат луѓето кога да бидат повикани, добиваат покана и се појавуваат. Работа на приоритет е и процена политичка на кој било е да ја удостои или да не ја удостои оваа Комисија со своето појавување. Имајќи предвид дека станува збор за задоцнето произнесување надвор од роковите, како и непроизнесување за дадениот рок, рече Шилегов.
Милошоски тврдеше дека двајца функционери досега доставиле известување дека нема да можат да присуствуваат, а повика Комисијата да ги има предвид обврските на предложените сведоци од кои едниот денеска е на службен пат.
Членот на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов рече дека сведоците и да биле во можност да дојдат – немало услови да започне седницата, бидејќи не се исполнети сите деловнички услови.
-И да беше тука премиерот ние денеска немаше да можеме да ја започнеме седницата. Не се исполнети деловничките услови за водење на оваа Комисија дека сите членовите поканети од ВМРО-ДПМНЕ ќе даваат изјави на затворена седница, вие како претседател ги немате преземено сите мерки тоа да го овозможите. Секретарот на Комисијата, Советникот ваш, членови на оваа Комисија, вклучително и техничкиот персонал немаат безбедносен сертификат, согласно тоа барам оваа точка да ја ставите на дневен ред, рече Саздов.
Наместо тоа, членовите на ДПМНЕ посочија дека прво треба да се побараат безбедносни сертификати на сите членови на Комисија и техничките служби, да се побара и Извештај од УБК за скандалот врз основа на која би се испрашувале сведоците. До петок, предложи пратеничката Владанка Авировиќ подобро е да се утврдат овие прашања и термините за посета во институциите, со цел поефикасно работење на Комисијата.
Опозицискиот пратеник Горан Мисовски вели дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерен и оти предложените сведоци имале обврска да достават известување за тоа кога би се појавиле.
-Сите ние заедно го изгласавме записникот од претходната седница дека сведоците покрај писмена покана ќе бидат известени и преку средствата за информирање.
Пратеникот на Комисијата согласно Деловникот јавно ги повика сведоците, за скандалот до прислушувањето најдоцна до 7 да достават известување за нивните активности. Ова е лицемерие, сведоците имаат обврска до 7. да достават листа или датум кога може да бидат сослушувани. Надвор од тоа што Ставрески доцни два дена, важно пратил известување, но зошто Груевски не ја извести Комисијата. Ова колеги пратеници е крајно несериозно и е лицемерно, посочи Мисовски.
Шилегов како претседател објасни дека барањето на владејачката партија е преурането. Според него прво треба да се побара седницата да биде затворени за да тие се затворат за јавноста, а за останатите безбедносни прашање посочи дека се технички и оти за нив не мора да се расправа на дневен ред, бидејќи тој како претседател ги има в предвид.
Независната пратеничка Роза Топузова Каревска посочи дека тоа што во Договорот од Пржино не се предвидува законски санкции за тие што нема да се појават на сведочење е пропуст за кој партиите навремено требало да размислат. Пратеникот од ДПА Ернат Фејзулаху уште еднаш потенцираше дека работата на Анкетната Комисија ќе биде безуспешна, бидејќи трите најголеми партии се инволвирани со скандалот со прислушување. Тој рече дека за сите понатамошни одлуки ќе продолжи да гласа воздржано.
Седницата помина со меѓусебни препукувања за тоа која партија прави „циркуз“ од работата на Анкетната Комисија. Предлозите за дневниот ред на работа од владејачката партија не се усвоија, а продолжението на седницата е закажано за утре. Согласно јавно изнесениот распоред на Шилегов, за утре повикани на сведочење се советникот на премиерот Мартин Протуѓер и министерот за финансии Зоран Ставрески.




