Најмалку 60 луѓе се убиени и 100 се ранети во терористички напад врз христијанска црква во градот Пешавар, главниот град на северозападната пакистанска покраина Хајбер-Пахтунхва, јавува ББЦ.
Меѓу жртвите има жени и деца, како и еден полицаец, а друг е ранет, а досега никој не ја презеде одговорноста.
Терористичкиот напад во пешаварската област Кохати бил извршен од двајца бомбаши самоубијци кои се самоубиле кога верниците влегувале во црквата- на богослужбата присуствувале околу 600 луѓе.
Пакистанскиот премиер Наваз Шариф го осуди овој терористички напад врз христијанското малцинство и на семејствата на жртвите им изрази сочувство.
Во северозападен Пакистан, во провинциите во Племенската зона каде што е и Хајбер-Пахтунхва, дејствуваат групите како талибанската Техрик-и-Талибан Пакистан и други радикални исламистички организации.
Иако засега ниедна од овие групи не ја презема одговорноста за нападот во неделата, познато е дека Талибаните имаат практика да изведуваат напади со бомбаши самоубијци, при што нивни цели се и воени конвои и високи покраински и сојузни функционери.
Христијаните сочинуваат 4 отсто од вкупното население на Пакистан. Тие, како и шиитите, често се цели на терористички напади на исламистичките сунитски групи. Во март годинава гневна толпа муслимани поттикнати од лажно обвинение на еден локален верски лидер за наводно богохулство извршено од христијанин, запалија повеќе до стотина домови во Лахоре, главниот град на провинцијата Пенџаб