Најмалку 24 египетски полицaјци се убиени утрово во село на Синајскиот Полуостров. Уште тројца други се повредени. Минибусите со кои се превезувале полицајците биле погодени од ракети.
Безбедноста на Синајскиот полуостров значително е влошена по падот на Хосни Мубарак пред две и пол години. Радикално-исламистички групи има пред се на северот од полуостровот, на границата со Израел. По соборувањето пак од власт на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси, на почетокот на јули годинава, насилството се зголеми уште повеќе.
Полуостровот е стратешка територија, која го дели Египет од Појасот Газа и Израел.
Конфликтот меѓу приврзаниците на Мурси и новото воено ракводство во земјата ескалираше на средината од минатата недела. Во крвавите судири меѓу безбедносните сили и исламистите во Египет загинаа повеќе стотици луѓе.
Во текот на вчерашниот ден, во обид на исламисти да избегаат од конвој со затвореници, убиени се најмалку 35 припадници на Муслиманското братство.
Според јавувањата на израелските медиуми, Израел смета дека Египет треба да се поддржи во борбата против Муслиманското братство.