Секој загубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. Затоа, Министерстевото за образование и наука ја поздравува иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк, се наведува во соопштението од МОН по денешната одлука на Советот на СОНК да не ги прифати заклучоците од вчерашната седница на Владата, и да продолжи штрајкот се додека не се постигне договор по спорните прашања.

Според МОН, неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите.

„Разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, се до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите. Ги повикуваме наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава. Зголемување на платите во образование ќе има, како што имаше и во изминатите пет години. Понудено е зголемување за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи повисоки плати на наставниците за 2.500 денари месечно. Понудивме и методологија со која ќе обезбедиме континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование“, наведуваат од МОН.

Воедно потсетуваат дека претходно, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 отсто. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.

„Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште. Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право“, апелираат од Министерството за образование и наука.