Советот на НАТО одржа вонреден состанок посветен на ситуацијата во Украина.
Јасно е дека руски војници нелегално ја преминаа територијата на Украина. Ова не е изолирана акција туку дел од опасна стратегија која се спроведува со месеци со цел да се дестабилизира Украина како суверена држава, изјави по Советот на НАТО, генералниот секретар Андреас Фог Расмунсен.
Во изјавата Расмунсен нагласи дека руските сили се ангажирани во директни воени операции во Украина и дека Русија продолжува да ги снабдува сепаратистите со тенкови, оклопни возила, артилерија и ракетни лансери.
Русија отвори оган кон Украина како од руска територија така и одвнатре во украинска територија. Ова е грубо кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и е против сите дипломатски напори за изнаоѓање на излез од кризата, изјави Расумсен.
Во име на целиот НАТО пакт , Расумсен изрази солидарност со Украина и најави дека шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО следната недела на самитот во Велс ќе се сретнат со украинскиот претседател Порошенко.
Категорично го осудуваме непочитувањето на меѓународните обврски од страна на Русија и ја повикуваме да престане со нелегални воени дејствија како и да ја прекине поддршката на сепаратистите, се вели во изјавата на Расмунсен.