Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, во врска со аукцијата на државни хартии од вредност најавена за утре ги повика клиентите на домашниот пазар на капитал да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија.
– Министерството за финансии ги објави проспектите за првата аукција на државни хартии од вредност за 2016 година. Вкупно се побаруваат 950.000.000 денари. Тоа е износ кој е еднаков на сумата која доспева за враќање на 13.01.2016 година. Пред утрешната аукција ги повикувам клиентите на домашниот пазар на капитал да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија, се вели во писмената изјава на Наумов.
Тој натаму истакнува дека „како најголеми доверители, банките, пензиските друштва и осигурителните компании мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг“.
– Од тие причини на 22декември минатата година е поднесена тужба до Управниот Суд на РМ против одлуката на Државната изборна комисија, која беше донесена од состав со истечен мандат и надвор од неговите законски надлежности. Секое задолжување, поголемо од износот потребен за враќање на доспеани долгови по основ на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, ќе се третира како можност за злоупотреба на средства во предизборниот период, вели Наумов.