Клучниот сведок на Обвинителството за случајот „Фаланга 2“, во кој е обвинет и директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман, денеска даде свој исказ пред Судот.
Како клучен сведок, пред Судот призна дека и самиот препродавал артефакти, на дел од обвинетите, кои, според неговиот исказ, потоа самите ги препродавале.
Тој на говорницата во Судот истакна дена купувал метални предмети, чаши и плочи за кои плаќал од 100 до 400 евра, а потоа ги продавал за неколку илјади евра во соработка со обвинетите. За адвокатот на дел од обвинетите, Звонко Давидовиќ, сведочењето на сведокот е спорно поради тоа што тој сам тврди дека препродавал нешто за што самиот потенцира дека се артефакти.
– Овој сведок продавал и препродавал нешто за што тврди дека се артефакти, но никогаш не е обвинет. Слушнавте и самите заработувал пари од буквално купување од едни луѓе и продажба на други луѓе за нешто што претпоставува дека се артефакти. Во недостаток на други материјални докази останува единствено овој сведок кој не ја зборува вистината, односно сведокот ниту знае дали е нешто артефакт, ниту знае колку чини, ниту знае каде се наоѓа – вели адвокатот Давидовиќ, јавува 24 Вести.
Според адвокатот на Паско Кузман пак, Александар Новаковски, сведоците кои денеска беа сослушани, Кузман го виделе само на телевизија.
– Јас уште еднаш се прашувам зошто Паско Кузман е обвинет во оваа постапка – изјави Новаковски.
Останатите сведоци кои денеска дадоа исказ пред Судот рекоа дека ископувањата на локациите кај Делчево и Катланово се вршеле под 24 часовен надзор на полицијата, а тие имале уредни дозволи за ископувањето.
Исказот на сведокот бил проследен и со моменти на обвинувања и навреди. Според поранешниот раководител во Управата за културно наследство, Илчо Бојчевски сведокот лаже, и е причина за пропаст на седум фамилии, а според одбраната, со денешниот исказ на сведокот се потврдило дека не ја говори вистината и дека нема докази за обвинетите.
Паско Кузман не се соочи со сведокот бидејќи не се познавале.
На следните рочишта ќе се сослушуваат и заштитени сведоци. Во акцијата „Фаланга 2“ обвинети се 17мина. Паско Кузман одговара за злоупотреба на службената положба при ископувањата кај велешко и делчевско каде се барало скриено богатство.




