Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Не е трула државата Данска, трули се каналите за информација: Кога веста ќе стане изговор за шамар

0
By Xhabir Deralla on October 17, 2026 АНАЛИЗА, ЗУМ, КОЛУМНА, ОБРАЗОВАНИЕ, СТАВ, ТИКЕР, ФЛЕШ ТРИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Saturday, October 17, 2026 13:51

Данска не го враќа ќотекот во училиштата. Но, во нашата јавна дебата, изгледа, доволно е некој да спомне физичка интервенција за да се разбуди колективната носталгија по времињата кога возрасниот секогаш бил во право, а детето требало да молчи.

Ана Василевска

Понекогаш е доволно една вест да го напушти своето првобитно значење, да помине низ неколку редакции, да се пресоблече во поголем наслов и да се појави пред нас како сосема поинаква приказна. Не мора никој да ја измисли од почеток. Доволно е да ѝ се смени акцентот. Она што било обид да се уреди одредена ситуација може да стане закана, она што било законска рамка може да стане дозвола за насилство, а она што требало да нè натера да размислуваме може да се претвори во евтина потврда на нашите однапред донесени заклучоци.

Веста за предложените измени во данскиот образовен систем е еден таков пример.

Данска се соочува со проблем на физичко насилство меѓу учениците, а наставниците предупредуваат дека сè потешко успеваат да воспостават ред и да интервенираат кога ситуацијата ќе ескалира. Владата предлага правила со кои на наставниот кадар би му се овозможило, во исклучителни околности и со пропорционална физичка интервенција, да задржи ученик, да го спречи неговото движење или да го отстрани од училницата против негова волја. Предлогот предвидува и известување на родителите и општинските власти за ваквите случаи. Новите правила, според објавените текстови, треба да стапат во сила во август следната година, доколку бидат усвоени.

Тоа е суштината на информацијата. Не особено едноставна тема, не решение без ризици и не реформа околу која нема простор за критика. Напротив, предлогот отвора сериозни прашања за границите на наставничките овластувања, за безбедноста на децата, за одговорноста на училиштето и за тоа како се спречува злоупотребата на физичката интервенција.

Но, во дел од македонската медиумска интерпретација, акцентот се префрли врз самата физичка сила, како таа да е главната вест, а нејзината намена, ограничувањата и контекстот да се неважни. На социјалните мрежи потоа се отвори познатата галерија на коментари: треба и кај нас, само ќотекот може да ги доведе децата во ред, денес родителите не знаат да воспитуваат, наставниците немаат авторитет.

Како некој да го чекал токму овој наслов за повторно да ја отвори вратата на една стара, добро позната просторија во колективната меморија: онаа во која стравот се нарекува почит, понижувањето се нарекува воспитување, а насилството се оправдува со реченицата дека и нас нè тепале, па еве, ништо не ни фали.

Навистина, ништо не ни фали. Освен можеби малку подобра способност да препознаеме што ни се случило, што сме прифатиле како нормално и што сега сакаме да им го пренесеме на следните генерации.

Не е исто да спречиш насилство и да казниш со насилство

Не е исто да разделиш двајца ученици што физички се напаѓаат и да удриш дете затоа што не те послушало. Не е исто да интервенираш за да спречиш некој да биде повреден и да употребиш сила за да му покажеш кој е посилен. Во првиот случај, физичкиот контакт може да биде крајно средство за заштита. Во вториот, тој е средство за доминација.

Токму тука почнува проблемот со нашето толкување на данскиот пример. Не затоа што данскиот предлог е надвор од критика, туку затоа што критиката на една политика бара да ја разбереме политиката што ја критикуваме. Ако Данска предлага ограничена физичка интервенција во специфични ситуации, тоа не значи дека ги враќа физичките казни во училиштата. Напротив, данското законодавство ја забранува телесната казна од 1967 година, а и текстовите што ја пренесуваат веста јасно разликуваат интервенција од казнување.

Можеме да дебатираме дали предложените правила се доволно прецизни, дали наставниците ќе добијат соодветна обука, дали постојат подобри начини за решавање конфликти и како ќе се заштитат учениците од непропорционална употреба на сила. Тоа се вистински прашања. Но, кога од нив ќе се направи приказна за тоа како Данска конечно им дозволува на наставниците да ги тепаат децата, веќе не зборуваме за информирање. Зборуваме за искривување на смислата.

А кога таа искривена смисла ќе стигне до коментарите, се случува нешто уште позагрижувачко: дел од јавноста престанува да прашува што навистина се случува и почнува да се радува на замислената можност некој повторно да има право да казнува.

Зошто толку лесно се враќаме кон ќотекот како кон некаков изгубен образовен метод? Што точно ни недостига од времето кога возрасниот можел да го удри детето, а тоа да се смета за приватна работа, дисциплина или заслужена лекција? Дали навистина ни недостигаат тие времиња или ни недостига чувството дека постои некој над кого можеме да ја докажеме сопствената моќ?

Проблемот со авторитетот не се решава со враќање на стравот. Стравот може да произведе молк, послушност во присуство на оној што го предизвикува и привид на ред. Но, молкот не е доказ за разбирање, а послушноста не е доказ за почит. Детето што престанало да зборува затоа што се плаши не научило нужно зошто неговото однесување е погрешно. Можеби само научило кога треба да молчи.

Има нешто особено вознемирувачко во леснотијата со која возрасните зборуваат за физичко казнување деца, како да се работи за едноставна административна мерка. Како да е доволно да се вратат неколку заборавени правила, да се заострат санкциите и некој повторно да удри по масата за училиштето да стане место на знаење. Како насилството да е кратенка до воспитувањето, а не признание дека сме останале без подобар одговор.

Ова не значи дека наставниците треба беспомошно да гледаат како учениците се тепаат. Не значи дека секое нарушување на наставата треба да се релативизира, дека агресивното однесување треба да се игнорира или дека наставникот треба да ја жртвува безбедноста на целото одделение во име на погрешно сфатена попустливост. Напротив. Наставниците имаат право на безбедна работна средина, учениците имаат право на безбедно училиште, а институциите имаат обврска да обезбедат јасни процедури, поддршка и последици за насилничкото однесување.

Но, токму затоа ни требаат сериозни решенија, а не фантазии за казнена власт.

Ако во едно училиште има насилство, треба да прашаме што го предизвикува, кој е изложен на ризик, како реагираат наставниците, дали има стручна поддршка, дали родителите и училиштето комуницираат, дали постојат механизми за рано препознавање и спречување на ескалацијата. Треба да прашаме дали наставникот е оставен сам да решава ситуации за кои не е обучен, дали институциите реагираат навреме и дали последиците за насилничкото однесување се јасни и доследни.

Тоа се прашања што бараат време, знаење, пари, одговорност и работа. Работа на оние кои се платени од даноците. Многу полесно е да се напише коментар дека на децата им треба ќотек. Таа реченица не бара никаква анализа на образовниот систем, никакво разбирање на детската психологија, никаква одговорност од родителите, училиштата или државата. Таа само нуди едноставна фантазија: дека сложениот проблем ќе исчезне ако на некого му дадеме право да употреби сила.

А ние, во Северна Македонија, имаме доволно причини да бидеме внимателни со таквите фантазии. Живееме во општество во кое често бараме ред без да бараме функционални институции, авторитет без одговорност и казна без да се прашаме што сме направиле за проблемот воопшто да не настане. Во таа логика, детето лесно станува најмалата и најдостапната цел на општественото незадоволство. Над него секогаш има некој посилен, некој што може да му нареди, да го засрами, да го замолчи. А кога тој некој ќе го направи тоа, дел од јавноста го прогласува за херој на дисциплината.

Можеби затоа и не треба да нè изненади што една вест од Данска, земја со поинаква институционална традиција и сопствена дебата за границите на наставничката интервенција, кај нас може да се претвори во повод за повикување на физички казни. Не ја гледаме само Данска. Во неа го проектираме сопственото незадоволство од училиштето, од децата, од родителите, од изгубениот авторитет, од светот што одбива да се уреди според правилата на нашето детство.

Но, светот не ни должи враќање во детството. А децата не ни должат благодарност за сè што сме претрпеле ние.

Ако некогаш сме биле удирани, тоа не е доказ дека ударот бил добар. Ако сме се плашеле од наставникот, тоа не значи дека сме го почитувале. Ако сме молчеле, тоа не значи дека сме научиле. И ако сме преживеале нешто, тоа не е доволна причина да го прогласиме за воспитна метода.

Можеби најважното прашање што го отвора данскиот случај не е дали наставникот треба да смее физички да раздели двајца ученици во ситуација на опасност. Тоа е прашање за законите, границите, обуката и одговорноста. Прашањето што треба да си го поставиме ние е зошто толку брзо ја заменуваме идејата за безбедност со идејата за казнување.

И зошто, кога некој ќе ни понуди приказна за тоа како една држава се обидува да го реши проблемот со насилството во училиштата, ние од неа толку силно посакуваме да остане само едно: можеби конечно некој ќе добие право да удри.

Во таа желба има многу повеќе од носталгија по старото училиште. Има и едно длабоко недоразбирање за тоа што значи да се биде возрасен, да се биде наставник и да се има моќ над дете.

Авторитетот не е способноста да натераш некого да се плаши од тебе. Авторитетот е способноста да поставиш граница, да ја одбраниш без да ја претвориш во одмазда и да преземеш одговорност за моќта што ти е доверена.

А кога една јавност ќе почне да навива за шамарот, можеби не е проблемот само во тоа што погрешно ја прочитала веста, особено кога од нашето Министерство за образование постојано се делегираат некои промени кои одат кон радикалност во ограничување на правата и слободите на децата, додека не се размислува за инфраструктурна и кадровска опременост во образовните институции.

Можеби проблемот е во тоа што во неа препознала нешто што одамна сака да го слушне.

 

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Не е трула државата Данска, трули се каналите за информација: Кога веста ќе стане изговор за шамар

October 17, 2026

Студентски протести и судири со полицијата во Албанија и Италија

October 17, 2026

Европската интеграција во маѓепсан круг: Реториката на Мицкоски и цената на изгубеното време

October 17, 2026

Бред Пит од Бит-пазар

October 17, 2026

НЕ СЕ ПРОПУШТА: Значајни изданија на ЦИВИЛ и Frontline Press со неверојатен попуст во книжарницата „Или-Или“

October 16, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

Не е трула државата Данска, трули се каналите за информација: Кога веста ќе стане изговор за шамар

October 17, 2026

Студентски протести и судири со полицијата во Албанија и Италија

October 17, 2026

Европската интеграција во маѓепсан круг: Реториката на Мицкоски и цената на изгубеното време

October 17, 2026

Бред Пит од Бит-пазар

October 17, 2026

НЕ СЕ ПРОПУШТА: Значајни изданија на ЦИВИЛ и Frontline Press со неверојатен попуст во книжарницата „Или-Или“

October 16, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.