Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави оти се надева, но не е сигурен за решение за кревање на бугарското вето и деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

„Утрово разговарав со премиерот Димитар Ковачевски и се надевам, но не сум сигурен“, рече Вучиќ во изјава за новинарите во Брисел пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Валкан.

Прашан дали за него е прифатлива билатеризација на процесот на пристапување во ЕУ, како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.

„Не можам да кажам дека господинот Ковачевски е среќен, ќе видиме што ќе се случи“, додаде Вучиќ.

За односот на Белград кон Скопје, Вучиќ рече дека Северна Македонија за Србија е братска и пријателска земја.

„Се што чувствувате вие во Скопје, чувстуваме и ние во Белград. Ние ништо не очекуваме од вас. Очекуваме да ги развиваме пријателските и братски односи и верувам дека секогаш и на европскиот и на сите други патиша ќе бидеме заедно“, додаде Вучиќ.