Пишува: Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Во целиот овој процес на дефокурисање од важните работи мислам дека е крајно време да се рефокусираме во најважната вест која беше објавена во последното соопштение на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
Таа вест е следната: Поранешниот државен врв е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата во не толку одамнешниот крвав напад во собранието кој се случи на 27 Април 2017 година. Досега во овој случај на ова обвинителство обвинети беа само извршителите, а сега се осомничени тие за кои целата јавност одамна длабоко се сомневаше дека биле идеаторите, инспираторите и главните оператори не целиот настан. Значи конечно, Јавното обвинителство собра доволен број докази тие наши одамнешни основи на сомневања да преминат во основано сомнение дека поранешниот државен врв го сторил делото инкриминирано во членот 313 на Кривичниот законик.
Значи, се работи за поранешен претседател на влада, поранешен претседател на Собрание, поранешен министер за транспорт и врски, поранешен министер за образование и поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање кои се сомничат дека со употреба на терористички методи (читај ширење на страв и несигурност кај граѓаните) сакале да ги загозат уставниот поредок и безбедноста на државата.
Значи, да бидеме јасни, еден поранешен премиер, кој самиот дошол на власт со слободни и демократски избори во далечната 2006 година, се сомничи дека во 2017 година сакал да ја задржи таа власт со терористички методи наспроти фактот што на парламентарни избори друг политички субјект успеал да создаде парламентарно мнозинство.
Еден поранешен претседател на Собрание наместо да го отстапи своето место на новосоздаденото параментарно мнозинство и на новоизбраниот претеседател на негово место се сомничи дека е длабоко вмешан во целата операција на ширење страв и несигурност кај граѓаните, а спротивно на уставниот поредок на земјата кој предвидува токму мирен трансфер на власта при формирано ново парламентарно мнозинство после слободни и демократски избори.
Еден поранешен министер во чие портфолио спаѓа подобрувањето на поврзаноста во земјата, се сомничи дека поврзувал некои други работи, далеку од неговото портфолио. Еден поранешен министер кој требало да се грижи за образованието во земјата, се сомничи дека се грижел за некаков друг вид на образование. Еден поранешен вработен во УБК, кој требало да се грижи за сигурноста и безбедноста на граѓаните на земјата се сомничи дека со кола во сопственост на УБК делел куршуми и панцири на лицата кои требало насилно да влезат во собрание и да спречат мирен трансфер на властта.
Ова, драги читатели, е веста од која би требало да ни биде тешко да се соземаме. Ова е навистина тешка ситуација за една држава и граѓаните кои живеат во неа. Самиот факт што јавното обвинителство веќе има доволно докази да покрене истрага и да бара притвор за овие лица треба да биде поразителен за сите, без исклучок и никој не смее да се одрече од неговото право како граѓанин на функционална држава да побара јасна и недвосмилена одговорност од сите инволвирани. Па, во каква држава живееме кога нејзиниот поранешен врв, кој владеел повеќе од 10 години, официјално е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Па во каква држава може воопшто да се калкулира во врска со одземањето на имунитетот и ставањето во притвор на осомничени за такви дела?
Сепак, има многу други работи кои некако изгледаат поважни од горенаведената вест и успеваат да го дефокусираат нашето внимание. Така, се случува инцидент токму вечерта на притворањето на Јанакиески и Спироски. Целото внимание наеднаш се насочува токму на тој инцидент, а веста дека поранешниот државен врв се сомничи дека бил инволвиран во терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста станува наеднаш и со брзина на светлината само второстепена, не толку битна информација.
Од друга страна, имаме драматична седница на собраниската комисија за мандатно-имунитетски прашања, член се разболува, а комисијата не успева да изгласа предлог за одземање на имунитетот на поранешниот претседател на собранието. Драмата продолжува во пленарната седница, која се прекинува заради пропусти во одржувањето на редот, претседателот на Собрание самиот избран по полеана крв не го става предлогот на гласање и парламентарното мнозинство не успева да му го одземе имунитетот на Вељановски. Драми, меѓусебни обвинувања, паѓања у несвест. Ало, парламентарно мнозинство? Што ви се случува? Не можете имунитет да симнете од поранешен претседател на собрание осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата? Имало виновни и помалку виновни во целава работа? Соработници со тие или овие? Процедуралисти, конформисти, саботери или идиеалисти? Па ве молам, на кој воопшто му е важно за вашите секојдневни караници и хаотични пристапи.
Тоа што на сите ни беше важно кога започна целиот процес на ослободување на Македонија од претходниот режим, а што на некои од нас се уште ни е најважно од сé, е воспоставување на правда за сторените злодела. Тоа што ни беше и сеуште ни е во фокусот на нас што веруваме дека правдата е можна е воспоставување на кривична одговорност за кривичните дела што ги идентификувавме слушајќи ги бомбите, и злосторствата што ги видовме да се случат пред нашите години вечерта на 27 април 2017 година.
Тој фокус не се задржува со големите пропусти на државните институции заради кои Груевски, главниот обвинет во клучните случаи на СЈО, а главниот осомничен за случувањата на 27 април спектакуларно ја напушти државата пред нашите очи и за тоа уште никој во државава не даде официјална информација а камо ли да сноси одговорност.
Тој фокус не се задржува со одлуката на Врховниот суд во врска со покренувањето на истраги од СЈО за која се обвинува Вангеловски а при тоа за таа одлука гласале речиси 90% од сите судии на тој суд. Тој фокус не се задржува со амнестија на тие што ги отворија вратите вечерта кога беше нападната. Тој фокус не се задржува преку драмолетки во собранието со што се засенува најбитната истрага на Јавното обвинителство што за прв пат во историјата може да резултира со одговорност на врвни челници на власта за најсериозното кривично дело против државата. Тој фокус не се задржува со пропуштање и неуспех во одземањето на имунитетот на Вељановски. Тој фокус не се одржува со ставање во притвор па после ослободување на Мијалков и неговите соработници. Тој фокус не се задржува со задоцнување, попречување и оневозможување на воспоставувањето правда за минати но и сегашни фунцкионери и службеници осомничени во случаите на СЈО.
Се повеќе изгледа дека за мнозинството во оваа држава правдата е само една тесна чевла од која повеќето едвај чекаат да се ослободат. Доста ни е од дефокусирање. Не си играјте со правдата. Освен ако ви е страв да воспоставите систем во кој и еден претседател на Влада или на Собрание може навистина да одговара доколку се докаже дека го прекршил законот.




