Република Македонија нема да ги искористи 119,7 милиони евра од европскиот инструмент ИПА 1, а новата Влада прави напори до крајот на годината да се искористат 30 милиони евра, бидејќи доколку не се реализираат проектите ќе треба да се финансираат со буџетските средства за 2018 година.
Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија, посветена на извештајот за искористувањето на ИПА средствата.
– Од вкупно 614 милиони евра ставени на располагање на Македонија со ИПА 1 од 2007 до 2013 година склучени се договори за искористување на 437 милиони евра или преку 70 проценти. Меѓутоа Република Македонија ќе изгуби 150 милиони евра или околу 25 проценти од средствата кои биле ставени на располагање на РМ и истите ќе бидат вратени на ЕУ, рече вицепремиерот за вероинтеграции Бујар Османи, кој воедно е и координатор аа ИПА фондовите.
Тој додаде дека средствата во износ од околу 30 милиони евра распределени во ризични проекти се средства кои треба да се искористат до крајот на декември оваа година, а со нив треба да се финансира изградбата на граничниот премин Белановце-Станчич, пречистителната станица во Прилеп, реконструкцијата на пругата Битола-Кременица, како и систем за интероперабилност во МВР и МНР.
Според него, позитивно е искористувањето на 437 милиони евра од европските фондови кои приоднеле за подобрување и унапредување на стандардите на Македонија, а меѓу проектите кои биле поддржани со овие средства се реконструкцијата на 10 железнички станици, подобрувањето на капацитетите на бројни инситуции како МВР, Заводот за статистика, Царината, УЈП…
Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцира дека од ИПА 1 се склучени договори за вкупно 304,2 милиони евра. Не се искористени 119,7 милиони евра. Најнизок процент на искористеност на средствата има кај ИПАРД програмата од 33,3 проценти.
Владата ќе изработи нов мастер-план кој ќе биде поделен во три етапи за поефикасно користење на ИПА-средствата.
– Наши појдовни точки во изработка на планот се да се озбезбеди поголема посветеност од највисоко политичко ниво во однос на спроведување на ИПА во Македонија што не било случај со претходната влада. Да се подобри екипираноста на структурите за управување со ИПА фондовите во земјава, да се води грижа за задржување на обучениот кадар и да се подобри функционирањето на ИПА структурите во согласност на правилата и прописите во ЕУ, истакна Тевдовски.
Покрај ИПА 1, како што беше посочено на прес-конференцијата, во тек е реализација на ИПА 2 за период 2014-2020 година со која се ставени на располагање 644 милиони евра. Од нив, како што рече Османи, 445 милиони или 67 проценти веќе се програмирани, односно се утврдени проекти за реализација, но над 40 милиони евра се изгубени во фазата на програмирање поради непостоење квалитетни проекти.

