Македонската Влада најверојатно нема да воведе дополнитени контра мерки за Косово. На вчерашната седница од која не се изнесоа детали, било одлучено да продолжат преговорите за да се најде решение во спорот со Косово.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска ја повика министерката за трговија и индустрија на Косово Мимоза Кусари -Лила, да ги соочат аргументите за побрзо да се надмине проблемот.
-Во јавноста во двете земји кружат различни информации и постојат многу различни мислења околу мотивите, врз кои се базира актуелната ситуација. Тоа предизвикува забуна и не придонесува за надминување на состојбите. На граѓаните им ја должиме вистината. Затоа Ве поканувам и повикувам на заеднички телевизиски настап, уште денес, каде што пред очите на јавноста ќе може да ги презентираме нашите аргументи, вели Пешевски во писмото упатено до неговата до Кусари.
Од друга страна премиерот на Косово Хашим Тачи ја задолжил министерката Кусари под итно да се реши проблемот. За косовската радиотелевизија Тачи изјавил дека разговарал со премиерот Груевски и дека очекува состојбата да се врати во нормала, како претходно.
На граничниот премин Блаце, сеуште трае блокадата од транспортерите членови на „Макамтранс“.
– Упатуваме апел до стопанските комори да дојдат да видат што се случува тука на граница и да ни дадат поддршка за протестот, а се надеваме дека во меѓувреме двете влади ќе се договорат и кога ќе видиме црно на бело, кога дефинитивно ќе биде донесено конкретно решение, тогаш ќе се повлечеме изјави Билјана Муратовска од „Макамтранс“.




