-Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца кои не се вакцинирани. Закон за основно образование член 46, став 2 е јасен, рече Бошњаковски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата.
Бошњаковски потсети дека поради состојбата со морбилите Владата прогласи епидемија на територија на целата држава. Тој информира дека теренската вакцинација на Министерството за здравство се спроведува според планираната динамика и оти во тие активности има координација со Министерстовто за образование.
-Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив, наведе Бошњаковски.
Истовремено потенцираше дека основното образование е задолжително и оти децата треба и ќе одат на училиште.




