САД нема да војуваат со Русија во Украина, но ќе ја бранат територијата на НАТО, доколку е потребно, рече американскиот претседател Џо Бајден денеска во говорот за Украина во Белата куќа.
„Нема да водиме војна против Русија во Украина“, рече тој.
„Директната конфронтација меѓу НАТО и Русија е трета светска војна – нешто што мора да се стремиме да го спречиме.“
„Ќе продолжиме да стоиме заедно со нашите сојузници во Европа и да испраќаме непогрешлива порака: ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО со сета моќ на обединетото и мотивирано НАТО“, рече Бајден.
Тој одби да каже дали Вашингтон има докази што ги потврдуваат изјавите на некои западни земји дека постои ризик Русија да користи хемиско оружје во Украина.
„Нема да зборувам за разузнавањето, но Русија би платила тешка цена кога би употребила хемиско оружје“, рече американскиот претседател.