Нема вакцини против менингитис во државата. Вакцините ги нема во ниту еден центар за јавно здравје, а задолжително мора ги примаат граѓаните кои патуваат во некоја од афричките земји или во земјите каде што владее опасниот менингококен менингитис. Вакцините за влез во овие земји се задолжителни, а ги препорачува СЗО. Од тие причини многу граѓани кои треба да патуваат во овие земји, се спречени да заминат бидејќи нема каде да примаат вакцина со која се штитат од болеста. Во редакцијата на НОВА се јавија неколку граѓани, со вцел да ги алармираат надлежните да превземат мерки, вакцини што побргу да се набават.

„ Веќе две недели ја барам вакцината. Добив работа во Џибути и требаше да бидам заминат, но не можам да отпатувам токму заради тоа што ја немам примено вакцината. И не сум само јас, има многу кои чекаат на вакцината. Само од Куманово има 3000-4000 луѓе кои работат во овие земји“, изјави за НОВА еден граѓанин на Куманово.

Овој граѓанин вакцините ги барал и во Србија, но вели дека и таму не можел да ги најде. Тој објасни дека во центрите за јавно здравје во Куманово и во Скопје го советувале вакцината да ја купи во Грција или Бугарија.

Во скопскиот Центар за јавно здравје за НОВА потврдија со месеци ја немаат вакцината против менингококен менингитис. Од таму признаваат дека тие што ги имаат се со поминат рок, а нови не се набавуваат бидејќи тендерот се уште е во тек.

„Тендерот треба да заврши на 17 јуни, но потоа има период на жалби, па додека се набават ќе помине доста време и не очекуваме скоро да ги има. На минатиот тендер не се јави никој и затоа ги немаме подолго време. На граѓаните им препорачуваме да си ги набават во некоја од соседните земји. “, изјави Лилјана Лазаревска раководител на одделот за епидемија во Центарот за јавно здравје.

Менингококниот менингитис преставува воспаление на мозокот и е светски проблем, кој според оценките на стручњаците, секога година погаѓа 1,2 милиони луѓе и предизвикува смрт на 135.000 луѓе. Болеста може да убие за 24 часа и е сериозна закана во африканските земји.

Епидемиите на менингитис секоја година ја погодуваат Африка во периодот меѓу мај и декември. Сувиот период со силни ветрови кои носат прашина и студените ноќи го изложуваат населението на респираторни инфекции и го олеснува ширењето на бактериите. Болеста предизвикува воспаление на менингите и ’рбетниот мозок, а заболуваат главно децата и лицата во помлада возраст.

„Менингитисот и натаму преставува проблем, мораме да реагираме за да ја спречиме трагедијата. Ги повикавме земјите да создадат сигурносни резерви од вакцината против менингитисот кој доаѓа, но тие често не нé слушаат. Се чека последниот момент, кога епидемијата веќе ќе избувне“, изјави минатата година Елиа Гилбернер, претставник на „Санофи“за време на епидемија, во март годинава.
Само во Нигерија во март годинава од епидемија на мемингитис биле заболени 828 луѓе, од кои 269 починале.

Една од најпогодените земји со менингококен менингитис е Нигерија, каде епидемиите од оваа опасна болест го косат населението. Сите кои патуваат во оавие земји мора да бидат заштитени заради себе, но и по враќање назад да не ја пренесат болеста во земјата.