Пишува Димитрис Христопулос, професор на универзитетот Пантеон во Атина и претседател на Меѓународната асоцијација за човекови права
Договорот од Преспа претставува златна средина, не само затоа што изнаоѓа мирољубиво решение за еден билатерален спор во врска со идентитетот, но и поради тоа што успева да ги смири страстите од минатото наместо да ги отвора старите рани.
Востановување на новото име
Како се слегнува прашината од најдобрата вест во последниве неколку години на Балканот – Преспанскиот договор – се покажува дека новото уставно име на земјата, и покрај сè, навистина почнува да го зазема местото на досегашниот назив.
Што се однесува до внатрешната политика на Северна Македонија, владата прави исправни чекори во правец на прилагодување кон новото име (само за пример, околу 150 државни органи веќе го сменија името), големите меѓународни новински агенции во најголем дел употребуваат „Северна“, па дури и пилотите, кога на патниците им го најавуваат летот, велат „Северна Македонија“ а не „Македонија“.
Се разбира, сè уште има разновидни „пилоти“ – зборувам метафорично – кои го користат старото име или пак други кои продолжуваат да го употребуваат терминот „Скопје“, но сега веќе со сигурност се чини дека новиот сложен назив добива своја динамика што за кратко време ќе го зацврсти. За да нема забуни: на оваа динамика сигурно ќе ѝ треба време за да остави свој печат. Не е едноставно една држава да притисне «control+alt+delete» во својот ум и да го смени името во целокупната административна примена. Па сепак, се движиме во тој правец.
Ова се добрите вести по златната средина од Преспа. Очекувани непријатни вести се реакциите што ги има од обете страни на границата, од оние кои што Договорот го сметаат за „срамен“ и „предавнички“, што претставува потврда за тоа дека ќе биде потребна политичка волја – дури и непријатно цврста – со цел и двете држави да го испочитуваат својот потпис1.
Дотолку повеќе, сметам дека погоре наведеното е дел од една програма, и помалку или повеќе служи за манипулација. Единствената точка која што може потенцијално да добие болна динамика во пост-преспанскиот периодот е дискусијата за македонското малцинство во Грција.
Луѓето имаат право, доколку сакаат, да го зборуваат својот јазик и да го изучуваат во приватни училишта. Не како малцинство. Како луѓе. Имаат право да создаваат свои здруженија, и генерално, слободно да ги изразуваат својата личност и својот идентитет (јазичен, национален, или каков било друг). Не како малцинство. Како граѓани, како сите други.
Македонското сениште
Според мое мислење, кое што релативно опширно го поткрепивме со Костис Карпозилос во книгата „10+1 прашања и одговори за Македонското прашање“ (издавачка куќа „Полис“, 2018), грчката непопустливост во врска со името од 1991 год. во голем степен е производ на историското негирање од страна на грчката држава да го признае постоењето на македонскиот идентитет во своите граници, и истата направи сѐ што можеше за да го асимилира тој идентитет на сите можни начини, вклучувајќи и насилство.
Таму каде што целта речиси беше постигната, прогласувањето на независноста на „Република Македонија“ во 1991 год. го сврти наопаку целиот наратив, бидејќи „непостоечкото“ стана име на држава и го создаде спорот што следеше.
Самиот Констатинос Мицотакис има напишано: „Она што ме загрижуваше од самиот почеток не беше името на оваа држава, (туку)… да не се создаде втор малцински проблем во регионот на Западна Македонија“ (во својот предговор за книгата на Т. Скилакакис: „Во име на Македонија“, Атина 1995). Сеништето на едно скриено прашање за кое не смееше да се зборува, се надвисна над грчката политика во врска со македонското прашање. Ipso facto ја детерминираше, но тоа не смееше да се каже. Ги заострува веќе иритираните рефлексии од болната историја на 20-тиот век, но ниту тоа не можеше да се изрази правилно….
Згора на тоа „во Грција има само едно малцинство“, па не ќе беше на „линија“ за грчката држава да ги каже работите со вистинското име експлицитно признавајќи ги причините за нејзиното стравување…
Така, стигнавме до дереџе нашата политика да биде дефинирана од реакцијата на еден иредентизам чиј што субјект не го признаваме.
Да не се лажеме: за да постои иредентизам, односно идеологија за промена на границите со цел присоединување на непризнатите сограѓани, ако ништо друго, барем треба да постои такво население што ќе ја прифати ваквата перцепција.
И така, најпосле доаѓаме до заклучокот, и воедно прашањето: сепак, дали можеби навистина постои такво население, па така, дебатата која започна со Преспанскиот договор ја оправдува загриженоста на оние кои се плашат од негова иредентистичка мобилизација.
Не – одговарам без заобиколување. Во Северна Грција нема население кое би имало негативен став за својата припадност кон грчката територија. Кога го имаше, на времето, грчката држава направи сѐ што можеше со цел да го обесхрабри и успеа во тоа.
Второ прашање, од другата страна на границата: дали постои во Северна Македонија население што посакува менување на границите со Грција под изговор дека сака да го заштити своето малцинство?
Одговорот е отприлика ист: дури и да го имало, сега веќе некогаш моќното иредентистичко лоби, кон кое припаѓаат и некои од наречените Егејски Македонци, односно бегалци од грчка Македонија, политички е ослабено.
Самите бегалци повеќе не се живи, а причините за елементарен политички реализам и преживување не можат да остават такви идеи да се развиваат како порано, особено што соседите оправдано признаваат дека главна закана е албанскиот сецесионистички национализам, домашен и странски. Растејќи, нациите малку по малку созреваат.
Конечно, самиот Преспански договор (Чл.5 и 6) детално предвидуваат дека ниту една од земјите не може да се меша во внатрешните работи на другата или да толерира активности „што поттикнуваат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам кон другата страна“.
Општо познато е дека проблематичното прашање за името е решено на начин што вклучува децидно откажување на Северна Македонија од каков било разговор што се однесува до малцинството во Грција. А ова е најважното.
Правата на секој поединец
Прашањето за правата на грчките граѓани не е прашање на билатерални односи, туку и внатрешно и меѓународно прашање до степен што е во надлежност на наднационалните тела.
За цела среќа. Од друга страна, факт е, за оние кои имаат познавања за тежината на прашањето, дека Грција нема никогаш да признае постоење малцинство на својата територија. Независно од ова, сепак, не може да води дискриминаторска политика, како што тоа најчесто го правеше во текот на 20-от век.
Луѓето имаат право, доколку сакаат, да го зборуваат својот јазик и да го изучуваат во приватни училишта. Не како малцинство. Како луѓе.
Имаат право да создаваат свои здруженија, и генерално, слободно да ги изразуваат својата личност и својот идентитет (јазичен, национален, или каков било друг). Не како малцинство. Како граѓани, како сите други.
Погоре изнесените права не се малцински права. Тоа се слободи за сите. Ова не го вели само Европскиот Суд за човекови права, кој повеќепати ја осуди нашата земја за кршење на таквите права, особено на територијата на западна Македонија. Тоа го диктира Уставот на нашата Република и секој вид на правна држава каква што посакуваме за нашето општество.
Значи, да бидеме по конкретни и јасни: Преспанскиот договор не прави ништо во оваа насока. Но, за волја на вистината, сепак нешто прави: ја држи Северна Македонија по настрана од разговорот во врска со прашањето за малцинството, а тоа е позитивно.
Што се однесува до останатото, како дебатите и ставовите или изјавите во меѓународниот печат, кои ги ставаат под знак прашање или дури ги негираат домашните – „национално исправни“ – догми во врска со македонското прашање, ќе продолжат да постојат, како што впрочем постоеја и до сега. Гласните, хистерични реакции веројатно се синдром на вина. По Преспа, земјата може мирно да чекори по својот пат. Договорот од Преспа претставува златна средина не само затоа што изнаоѓа мирољубиво решение за еден билатерален спор во врска со идентитетот, но и поради тоа што успева да ги смири страстите од минатото наместо да ги отвора старите рани.
Членот 7, параграф 1. од Договорот, со кој се предвидува дека „страните признаваат дека сфаќањето на изразите „Македонија“ и „Македонец“ се однесува на различна историска рамка и културно наследство“, според мое мислење е одредба што во иднина ќе се предава како одличен момент во современото меѓународно право.
Вистински предизвик
Пост-преспанското милје не содржи геополитички закани или малцински провокации во и надвор од границите. Меѓутоа, вклучува еден друг предизвик за раководните структури: идеолошка и политичка борба што постојано ќе треба да се води против радикалната десница која во македонското прашање најде шанса за своја етичка обнова и политичка релегализација по крајот на Студената војна.
Целта беше нејзиниот наратив во врска со македонското прашање да стане политички mainstream на НД и на ПАСОК почнувајќи од 90-тите па сè до денес. Радикалната десница ќе беше мошне глупава да не го зграпчи подарокот што грчкиот естаблишмент толку лесно ѝ го нудеше од 1991 година наваму. И сега го чува како зеница во окото, заробувајќи го поголемиот дел од јавното мислење.
Видовме, на пример, по потпишувањето на Преспанскиот договор па сѐ до почетокот на 2019 година, дека фанатизмот што се крие под маската на патриотизмот остана без противник на полето на идеите. А потоа, кога почна расправата за ратификацијата, беше доцна да се покријат изгубеното време и простор што во меѓувреме беа оставени. Треба да се насочиме кон развивање на политичка свест за она што го вложуваме и што ризикуваме да изгубиме.
*Текстот е објавен на www.lifo.gr и е наменет за грчката јавност
Превод од грчки јазик Емилија Мајсторова




