Владимир Кузнецов (Вован) и Алексеј Стојларов (Лексус), се двајцата руски “комичари” кои и се добро познати на светската јавност.

Интересно е тоа што тие никогаш не направиле пранк на некој руски политичар, а причината кои тие ја наведуваат за тоа е дека не сакаат да ја доведат Русија во состојба на дестабилизација.

При ваков аргумент неизбежно е прашањето, дали изведувањето на ваквите “акции“ нема да предизвика дестабилизација на другите држави, како на пример во случајов Република Северна Македонија?

Дополнително во интервју за The Guardian таканаречените комичари изјавуваат дека никогаш нема да му направат пранк на Путин, и дека не сакаат да и наштетат на својата држава потенцирајќи дека не сакаат да направат ништо што би им помогнало на непријателите на Русија. Од тука се поставува уште едно прашање, а тоа е дали за таканаречените комичари  Република Северна Македонија е непријател на Русија?

Сите нивни “акции” имаат еден заеднички именител, исмевање на жртвите како примарен и исмевање на системот и институциите како секундарен. Ваквиот пристап предизвикува недоверба во политичарите и институциите. И едното и другото се несомнено основа на дезинформациите и руската пропаганда, за што тимот на F2N2 има пишувано во повеќе наврати.

Нивните таканаречени прaнкови(несолени шеги) се сведуваат на тоа што тие се јавуваат на познати личности од различни сфери и лажно се претставуваат како и тие да се некоја позната личност. Целна група на нивните пренкови се во принцип луѓе од високата политика во светот, кои не се на иста бранова должина со политиките на Кремљ. Со самото тоа што тие се претставуваат како Владимир Путин, Петро Порошенко, Арсениј Петрович Јаценјук и др., лесно, а понекогаш и ненамерно можат да дојдат до информации кои се од доверлив карактер.

Листата на луѓе кои биле “изиграни” од страна на овие руски “комичари” е долга и е со прилично звучни имиња. На неа се наоѓаат музичката ѕвезда Елтон Џон, Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, поранешниот шеф на Британската дипломатија Борис Џонсон, американската политичарка Максин Вејтерс, американската дипломатка Ники Хејли, поранешната министерка за одбрана на Шпанија Марија Долорес, Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг, поранешниот Претседател на Црна Гора Мило Џукановиќ, aмериканскиот политичар Џон МекКејн, поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај, Претседателот на Франција Емануел МакронФедерика Могерини и Жан-Клод Јункер, а последен на листата е премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.

Енигма е тоа како тие успеваат да дојдат до телефонските броеви на нивните жртви, со оглед на тоа што се работи за броеви на луѓе и институции до кои не така лесно може да се дојде. Нивниот одговор по ова прашање е дека тие сами успеаваат да дојдат до броевите или со помош на пријатели. Кои се пријателите останува непознато.

Прашање е дали станува збор за “комичари” или пак за агенти на руската разузнавачка служба, скриени под сатирични маски?

При преслушување на дел од нивните видеа објавени на нивниот YouTube канал, можете да слушнете дека во видеото од разговорот со Јенс Столтенберг и од тоа со Зоран Заев имаат исти сегменти односно исечоци. Имено, во разговорот со Зоран Заев искористен е вистинскиот глас на Јенс Столтенберг, кој е исечок од разговорот кои руските “комичари” го имаат направено со него во фебруари 2017 година и истиот е “залепен” во видеото од разговорот со Заев. Дека станува збор за идентичен исечок и во двете видеа, слушнете го разговорот кој го водат со Зоран Заев во 20:30 минута и во 10тата секунда од разговорот кој го водат со Јенс Столтенберг.

За побрзо преслушување на овие делови од телефонските разговори, тимот на F2N2 направи исечоци.

Ваквите дејствија можат да се декларираат само како обиди да се наштети на држави кои имаат Евроатлански аспирации. Очигледно се поизвесниот влез на Република Северна Македонија во НАТО е “трн во око” за Кремљ, па ваквите напади можеби не треба да не изненадуваат.

*Преземено од Fighting Fake News Narratives