Граѓанските организации ЕСЕ, ЦДРИМ, ЛИЛ и КХАМ, бараат од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот со имунизација на децата од ромските заедници.
Овие граѓански организации, во 2012 година, спроведоа мониторинг на имплементацијата на специфичните активности за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со превентивни здравствени услуги (вакцинација, патронажни посети и здравствена едукација) утврдени со Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во 8 општини1 и 15 населени места во РМ.
Клучни промени во износот на средства наменети за Роми настанаа во 2012 година. Имено, во 2012 година, алоцирани се 390.000,00 денари, што е за 85% помалку од средствата за Роми предвидени со ребалансот во 2011 година. Ваквата состојба останува непроменета и во 2013 година.
Резултатите од спроведениот мониторинг укажуваат на следното:
Владата на РМ и Министерството за здравство во 2011, за Програмата, алоцирале вкупно 2.868.600,00 денари за активности за надминување на проблемите со превентивна здравствена заштита на Ромите или 14% од вкупниот буџет на оваа Програма. По 9 месеци од донесувањето на Програмата, Министерството за здравство ги намали средствата наменети за Роми за 10%, а пак до крајот на истата година потроши само 40% од овие средства. Нема достапни податоци за тоа каде се потрошени или пренаменети остатокот од непотрошените средства.
Како директна последица на не спроведувањето на превентивните активности и намалувањето на буџетот, од кои зависи опфатот со вакцинација, резултатите од мониторингот упатуваат на низок степен на опфат на децата од ромските заедници со мерките за имунизација, и тоа:
Во просек, 32% од ромските деца во сите вклучени општини не се редовно вакцинирани или се невакцинирани (6 – 50% во Шуто Оризари, 7- 46% во Прилеп, 35% во Ѓорче Петров, 36% во Злокуќани и 36% во Сарај за различни типови на вакцини).
Најнизок опфат, во сите вклучени општини, се јавува кај вакцините против Голема Кашлица (Пертусис), при што ваков тип на вакцина не добиле: 70% од ромските деца во Ѓорче Петров; 50% во Шуто Оризари, Злокуќани и Делчево; и 46% во Прилеп. Состојбата е загрижувачка и во однос на вакцините против Детска парализа (Полио), при што ваков тип на вакцина не добиле 27% од ромските деца во Шуто Оризари; 44% во Ѓорче Петров; а пак најмал опфат со оваа вакцина се јавува во населба Злокуќани и тоа: 53% Полио I доза и 80% Полио II доза.
Имајќи ги предвид наведените состојби, а со цел унапредување на здравјето на децата од ромските заедници, од Министерството за здравство барамe:
Во Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2014 година да предвиди, буџетира и соодветно спроведе специфични активности во ромските заедници од кои директно зависи опфатот со имунизација:
Активности за едукација на родителите, зголемен број на теренски акции за пронаоѓање на невакцинирани деца, редовна достава на покани за вакцинација, редовни посети на ромски семејства од патронажни служби и обезбедување на превоз на децата до Здравствените домови во оние ромските заедници кои се значително оддалечени од овие установи. За овие активности Министерството за здравство треба да намени вкупно 1.360.000,00 денари, што е половина од средствата во 2011 година.




