Искорнати стебла, превртени или смачкани камп приколки и срамнета инфраструктура е она што зад себе го остави невремето што вчера попладне и вечерта го зафати охридско-преспанскиот регион.
Според туристите и жителите невремето траело околу 20 минути, а силниот ветер проследен со дожд и град носел сѐ пред себе.

Засега нема информации за посериозно повредени лица.
Невремето во Преспа корнело дрвја и кровови на куќи, а соборени се и повеќе од 60 бандери. Некои села имаат блокирани патишта од паднати дрва, а има и прекини во напојувањето со електрична енергија.
Градоначалникот на Ресен изјави дека нема пријавени жртви и повредени. но направена е голема материјлна штета.
Допрва ќе се утврдуваат штетите по земјоделските култури. Локалното население вели дека не паметат вакво невреме во регионот на Долна Преспа.
Исто така, во текот на ноќта, југоисточниот дел од општина Охрид беше зафатен од невреме последено со силен ветар. Во селата Трпејца и Лабуништа, како и во комплексот „Св.Наум“ има паднати дрвја, а направена е и материјална штета на еден угостителски објект во с.Трпејца, како и во комлексот Св.Наум каде е оштетен покрив на еден од објектите во комлексот.
Вистински пустош зад себе остави големото невреме и во автокампот Љубаништа кај Свети Наум, на охридското крајбрежје. Како што објави Алсат, силниот во ударот на силниот ветер и дождот има оштетен поголем дел од приколките и инфраструктурата на кампот.
Во невремето нема повредени лица.
Дел од населените места се уште се без напојување со електрична енергија, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектите ,велат од Центарот за управување со кризи.
Гром синоќа удрил во трансформаторот преку кој со електрична енергија се напојуваат водните пумпи во селото Шум, од каде со вода се снабдуваат Струга и околината.
Јавното претпријатие „Проаква“ информира дека трансформаторот претрпел големо оштетување, што го отежнува снабдувањето со вода на населението.
– Како последица на ова во текот на денот ќе има слабо снабдување со вода за пиење на Струга и селата. Апелираме до корисниците да преземат потребни мерки за да имаат вода барем за основните потреби додека не се санира овој голем дефект, соопшти ЈП „Проаква“.
Екипи на претпријатието заедно со ЕВН Македонија се на местото на настанот и прават напори да го оспособат трансформаторот, со цел во текот на денот да се нормализира снабдувањето со вода за пиење.
Од изутринава механизација, како и тимови на противпожарните служби работат на расчистување на теренот.






