Премиерот Димитар Ковачевски вчера уште еднаш потврди дека земјава нема формално добиено предлог што е усогласен од сите 27 членки на Европската Унија (ЕУ), истакнувајќи дека клучните елементи во тој документ да бидат прифатливи за Северна Македонија. Во Бугарија, во меѓувреме, падна владата на премиерот Кирил Петков, откако во Собранието и беше изгласана недоверба. Висок дипломатски извор во ЕУ, кој важи за добро упатен во преговарачката рамка и францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, вчера потврди дека билатералните прашања се дел од рамката и дека тоа е „нормално“.

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка“, наведе Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот додаде дека преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнување на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Преамбулата на Уставот.

„Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија“, истакна премиерот, додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама денеска ќе присуствуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

„Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позициите на Северна Македонија, на Албанија и на Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан“, објави Ковачевски.

Во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, што ќе се одржи денеска, дипломатите од земјите-членки и од Советот интензивно ги брифираа новинарите за прашањата што „ќе бидат на маса“ на средбата, како визниот режим за Косово, кандидатскиот статус за БиХ, но доминираа оние поврзани со стартот на преговорите со Северна Македонија, процес кој е блокиран од Бугарија, што ја држи во заложништво и Албанија.

Во меѓувреме во Бугарија падна Владата на премиерот Кирил Петков, откако во Собранието и беше изгласана недоверба со 123 „против“ и 116 гласови „за“, од вкупно 239 пратеници, со што Кабинетот на доскорешната четирипартиска коалиција, од која неодамна излезе „Има таков народ“, не ги доби потребните 121 глас во пленарната сала, за да остане на власт.

По изгласувањето недоверба на кабинетот на Петков, бугарската политичка партија ДПС до Националното собрание достави предлог за одлука за одобрување на нацрт-преговарачката рамка за членство на Република Северна Македонија и Албанија во ЕУ, предложена од француското претседателство.

Во декларација од собраниската говорница, претседавачот на пратеничка група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, соопшти дека и ГЕРБ-СДС се подготвени со предлог-проект за одобрување на преговарачката рамка со Република Северна Македонија, што ќе биде гаранција дека Бугарија и бугарските национални интереси ќе бидат заштитени.

Таа ги повика сите партии да ја поддржат иницијативата. Партијата бара и од премиерот во оставка Кирил Петков и неговата влада веднаш да го одобрат билатералниот протокол.

Крајниот рок до кога Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за деблокирање на европскиот пат на Северна Македонија не е 23 јуни и тоа може да се случи во друг формат до истекот на претседавањето на Франција со ЕУ, односно до крајот на месецот, се наведува во Извештајот на бугарското МНР од 20 јуни доставен до Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија.