– Случајот е пријавен во текот на вчерашниот ден и во моментов течат разговори со сите лица за кои сметаме дека можат да дадат повеќе информации. На прв поглед се чини дека се работи за прилично сериозен случај и оти недостасуваат вредни предмети. Меѓутоа, пред да се заврши конкретниот попис на предметите и да се направи споредба со она што стои во нивната евиденција и констатација за тоа што недостасува, ние не би можеле да излеземе со првична проценка во однос на вредноста на предметите кои недостасуваат и евентуалната направена штета, изјави денеска министерката Гордана Јанкулоска, во однос на кражбата во Музеј на Македонија во Скопје која била пријавена вчера.
Директорот на Музејот, Дарко Кржовски за НОВА изјави дека Музејот бил чуван од Агенција за обезбедување, но одби да одговори на прашањето дали се осигурани украдените предмети. Тој не сакаше да зборува за детали укажувајќи дека се чека детали од истрагата на полицијата.
Засега не постојат индикации дека некој насилно влегол во депото. Од Музејот во полиција не кажале кога точно се случила кражбата, ниту пак пријавиле што точно е украдено.
Полицијата моментално е на терен и врши увид во евиденцијата. Се утврдува кој од вработените во Музејот имал контакт со нив.
Доколку се потврдат првичните сомнежи дека станува збор за предмети од културно – историско наследство, нивната вредност е непроценлива, велат надлежните.
Според првичните полициски информации во депото каде се чувале стотици вредни предмети стари со векови, немало камери иако целиот музеј бил покриен со видео надзор.
Истрагата ја усложнува и тоа што многумина имале пристап во депото: вработени, студенти, кустоси реставратори.
Неофицијално, недостатокот на златните предмети бил откриен пред неколку денови, откако службите во Музејот на Македонија правеле подготовки за предавање на дел од збирките во новиот Археолошки музеј.




