И овој Буџет се носи во докрај неразјаснети процедурални услови, бидејќи на Комисијата за финансирање и буџет не заврши амандманската расправа и од вкупно 684 поднесени амандмани, 393 амандмани останаа неразгледани, изјави пратеникот на СДСМ, Марјанчо Николов, на собраниската говорница.
-Господине министер и овој Буџет, како и сите ваши претходни буџети во изминативе 7 години, е Буџет на желби. Буџет за предизборно манипулирање и купување гласови на пензионерите, на корисниците на социјална помош и ветување за поголеми плати на администрацијата.
Ова е Буџет со кој што вие повторно земате од граѓаните и од македонската економија онолку колку што ви треба и колку што сакате да потрошите. А не онолку колку што можат тие реално да придонесат во Буџетот.
Ова е Буџет со кој што почитувани граѓани вие ќе бидете се посиромашни, а власта ќе располага со се повеќе ваши пари. И потоа на лажиче ќе ви ги дава преку пензиите и социјалната помош. Нормално обидувајќи се пред изборите да ви каже колку многу се грижи и колку многу сака да им помага на граѓаните.
Владата предвидела во 2014 година инфлацијата да изнесува 3.3%. Од друга страна, Владата предвидела во 2014 година бруто платата да се зголеми за 2.4%. Знаете што значи тоа? Дека цените ќе растат повеќе од платите. Дека граѓаните ќе имаат помалку пари да си ги платат сметките, да си купат храна, да го одржуваат своето семејство. И како може господине Ставрески, овој Буџет да биде развоен и во интерес на граѓаните? Ова ви е 3 година во која инфлацијата расте повеќе од платите.
Граѓаните од година во година се се посиромашни и живеат потешко и победно. Ова се поразителни и грешни политики на Владата на Република Македонија.
Како планирате да го остварите Буџетот во 2014 година, кога имате проблем со реализација на Буџетот од 2013 година?
Почитувани граѓани да немате дилеми. Оваа Влада не мисли на вас. Стопанството го гледа само како една каса од која што треба да собере што повеќе пари. Граѓаните ги гледа како даночни обврзници, кој што треба само да земе од Буџетот, а кога треба да дава, тоа се дава на мало лажиче, како на болен човек.
Оваа Влада е позната и по најлошите економски резултати во изминатите 20 години од Република Македонија.
Овој модел значи богата власт, сиромашни граѓани
Овој Буџет за жал е Буџет на апатија. Овој Буџет најдобро ја покажува безидејноста на Владата, да понуди сериозни реформи со која што ќе ја раздвижи македонската економија и ќе отвори нови работни места, изјави Николов.




