Дополнителниот-заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска обелодени случај, на како што рече, скандалозна злоупотреба на државната функција од страна на Илија Србиновски, поранешен пратеник на ВМРО- ДПМНЕ и актуелен раководител на подрачната единица на Министерството.
– Семејството Србиновски буквално го има “освоено“ Министерството. Таткото Илија заедно со синот и снаата се вработени во оваа институција, а сопругата Слободанка, која е сопственик на фирмата ИЗ „ДЕСИЛ“ добива 45 хектари државна земјоделска земја под концесија. Случајот на Илија Србиновски е класичен пример на злоупотреба на државните институции во партиски цели пред избори, вели Николовски.
Според него, ова е пример како премиерот Никола Груевски ги наградува, како што ги нарекуваат, своите први јуришници – преку вработување, високи субвенции и државна земјоделска земја под концесија.
– Досега овие функционери не се гонеа кога прекршуваат закони, не сносат последици за судир на интереси, ниту кривично одговараат за сторените дела. А докази има, рече понатаму во својата изјава дополнителниот заменик-министер.

Тој покажа договор, потенцирајќи дека се работи за еклатантен пример за кршење на Законот за земјоделско земјите, според кој, не смее да се врши размена на државна земјоделска земја со меѓусебна, непосредна спогодба меѓу двајца закупци, како во случајот на ЗИК Пелагонија и фирмата на сопругата на Србиновски, ДЕСИЛ.

Николовски вели дека случајот е дополнително спорен и поради тоа што, претходно на барање на Србиновски како раководител на Подрачната единица во Битола, ЗИК Пелагонија и враќа на државата 10 хектари земја како неплодни, за пасишта на жителите на село Гнеотино.
– Но, наместо жителите да го напасуваат добитокот, површините ги зема фирмата на сопругата на Србиновски. Така во записникот за воведување во владение, на лева страна е потпишан сопругот Илија Србиновски, како претседател на комисија, а на другата страна сопругата Слободанка Србиновска, како корисник, што по Законот за спречување на корупција, член 22 е класичен пример на судир на интереси, дополни Николовски.

Според него се работи за „дрскост“ на раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Битола, Илија Србиновски, со што „се покажува моќта која му ја даваат надредените, наместо да го санкционираат“.
– Последните поплави во Пелагониском, Србиновски ги искористил за злоупотреба на буџетските средства наменети за исплата на штети. Според проценката на Комисијата на општина Новаци, проценетата штета за исплата на фирмата на сопругата на Србиновски е
1.118.000 денари. Но, скандалозното е што според записникот од инспекторите на терен, овие површини се поплавени намерно, поради рушење на заштитен насип на каналот од страна на Србиновски. Освен неговите површини за кои има договор, тој узурпирал и други 10 хектари државна земјоделска земја, потенцираше дополнителниот заменик во Министерството.
Николовски рече дека работат на тоа, колку точно земја обработува семејството Србиновски, колку субвенции добиле и што се има искористено од програмите на Владата.




