Дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски денеска соопшти дека поднесува кривична пријава против поранешниот заменик министер Христијан Делев за како што рече злоупотреба на службената положба со, како што рече, склучување договори за ослободување на фирми блиски до власта од плаќање закупнина за огромни површини од над 5 илјади хектари, државно земјоделско земјиште.
– Христијан Делев, пуленот на Груевски, потпишал анекс договори со АК „Џумајлија“ за ослободување од закупнина за 5.642 хектари. Врз основа на кој закон и кое овластување го направил тоа?
Дополнително, потпишувал анекс договори за ослободување од плаќање закупнина за фирмата „Лозарство Таринци“ за 334 хектари, за „Вардар Градско“ за 3.220 хектари државно земјоделско земјиште.
Додека на вистинските земјоделци им се укинуваат субвенциите, само еден ден ако задоцнат со плаќање на закупнината, фирмите блиски до власта биле ослободувани од обврската за плаќање закуп, изјави Николовски.
Според него, ова е уште еден пример зошто незаконската аболиција мора целосно да се поништи, законот мора да важи за сите подеднакво и секој којшто правел злоупотреби да одговора.




