Во Њујорк денеска почнува дводневната рунда разговори за спорот за името, свикана од амбасадорот Метју Нимиц, пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун.
Предвидено е денеска да се оддржат одделни средби на Нимиц со претставниците на двете земји, амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис. За утре наутро е предвидена заедничка средба во седиштето на Обединетите нации, како и прес-конференција на која ќе се претстават резултатите од разговорите, jaвува МИА.
Средбата се одржува по новата, петта по ред позитивна препорака на Европската Комисија за отворање на преговори за членство на Македонија во ЕУ, а пред самитот на Европскиот самит во декември и на НАТО кој ќе се одржи во Британија следната година, при што Македонија очекува напредок во своите интеграции, но се стравува дека Грција ќе продолжи со употребата на ветото.
По септемвриската средба во Њујорк, каде во Обединетите нации македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се сретна со грчкиот колега Евангелос Венизелос, Попоски изјави дека нема напредок и дека меѓу ставовите на двете земји има планини.
На средбата во април годинава, амбасадорот Нимиц даде предлог кој потоа, на почетокот на септември, го претстави и при посетата на Македонија и Грција. Но, по овие средби, Грција соопшти дека инсистира на нејзините почетни позиции во спорот, дека секое решение за спорот ќе мора да се применува во сите случаи, според нивната формула ерга омнес.




