На прес-конференција по средбите со Василакис и Јолевски, амбасадорот Нимиц рече дека двете страни разговарале за суштината на прашањето и најави скорешна нова средба.

„Прашањата се конкретизираат, не лебдат во воздух. На мене е да ги ставам предлозите на маса, да добијам реакција и потоа да понудам нешто друго. Затоа нема многу логика за мене јавно да ги објавувам овие прашања“, изјави амбасадорот Нимиц.

„Воопшто не сум разочаран. Разговараме за тешки прашања, имаме работи на маса, некои работи се многу тешки за страните и затоа ги гледаме од различни гледни точки. Мислам дека двете страни покажуваат чувство за процесот. Немам ништо во рака, ќе ви кажам кога ќе имам нешто во рака“, изјави амбасадорот.

Грчкиот претставник Василакис прецизираше дека оваа средба може да се одржи во рок од месец до месец и половина. Како можни локации, се спомнуваат вообичаениот Њујорк, но и неутрална локација во Европа, а постои можност и посета на Нимиц на двете држави, но сепак притоа Василакис инсистираше дека новата средба ќе биде на денешното ниво, на амбасадорот Нимиц и на двајцата учесници во разговорите, а не средба на Нимиц со раководствата на двете држави.

Амбасадорот Јолевски по прес-конференцијата изјави дека Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое нема да се одрази врз македонското достоинство.