Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Ништо не морам

0
By Zoran Ivanov on August 11, 2026 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, August 11, 2026 12:16

Колку од животот што го живееме навистина сме го избрале сами?

Бенита Белешкова

Вчера вечерта, во Карпош 4, додека шетавме со сопругот меѓу две згради што личат една на друга како да се копирани од ист руски шаблон за бетон, случајно слушнав разговор.

Еден од оние кратки улични разговори што траат пет-шест минути, додека луѓето пред тебе одат, а во себе носат повеќе од цела една земја.

Две млади момчиња.

Едниот висок и слаб, со очила со округли рамки што му даваа некаков академски изглед, како уште сега, на седумнаесет или осумнаесет години, зад него да стои универзитетска библиотека и мирис на стара хартија.

Другиот беше покрупен, со помирно држење, со рацете во џебовите, како човек што брзо гејма, но не брза да докаже ништо.

Високиот зборуваше:

„Јас ќе студирам медицина.“

Го рече тоа како да објаснува нешто сосема логично, речиси банално.

„Ќе завршам, па полесно ќе заминам. Моите ме тераат. На секој ручек ми викаат: ‘Мораш да направиш нешто од себе. Да се спасиш од оваа немаштија во која западнавме.’“

Пауза.

Потоа додаде, потивко, како да се срами од сопствената желба:

„А јас сега, во овој момент, единствено што сакам е автомобил. А тие ми велат: ‘Мораш прво да заработиш. Инаку, не.’“

И тогаш сфатив дека пред нас не оди само едно момче. Оди една генерација на која во главата ѝ одекнува:

„Студирај за да заминеш.“

„Работи за да заминеш.“

„Научи јазик за да заминеш.“

„Собери пари за да заминеш.“

Како Македонија да не е место каде што се гради живот и се проектира иднината, туку голема чекална со скап интернет и уште полоши тротоари.

Другарот го слушаше. Не го прекинуваше. Само кимна еднаш, како човек што ја слуша истата приказна по стоти пат.

Потоа рече:

„И мене татко ми ми го вика истото. Мораш да завршиш факултет. Без факултет си ништо“.

И тогаш дојде реченицата.

Толку едноставна што човек лесно може да ја пропушти.

„Ништо не морам“.

Високиот го погледна, малку збунето.

„Мораш …“

„Морам само до тоалет да одам“, рече другиот мирно. „И морам еден ден да умрам. Сè помеѓу тоа е мој избор.“

Кратка пауза.

Потоа, со онаа чудна детска сигурност со која понекогаш се кажуваат работи што возрасните цел живот ги комплицираат:

„Брат, друго ништо не морам.“

Си одевме незабележливи зад нив во темницата и слушавме.Тоа го направивме инстинктивно. И самите сме родители на тинејџер.

Само си помисливме: ова нам синот не ни го соопштил вака, нели?

Колку често ја слушаме таа реченица: „Мораш.“

Доаѓа од устата на нашите родители. Потоа од нашата, кога самите ќе станеме родители. Од наставниците. Од роднините. Од системот. И одекнува во етерот:

„Мораш факултет. Мораш диплома. Мораш добра работа. Мораш да заработуваш повеќе од родителите.

Мораш автомобил.Мораш стан.Мораш да заминеш „надвор“ за да вредиш нешто.

Мораш да успееш.Мораш да бидеш нешто.Зашто ако не си нешто, тогаш си ништо.“

И така, пред младиот човек воопшто да открие кој е, ние веќе му објаснуваме што мора да стане.

Му даваме листа на обврски наместо простор да ги постави своите прашања.Го учиме да преживува, а не секогаш да живее.

Го учиме да бега, а не да остане и да проба да промени нешто.

И тогаш си го поставувам прашањето:

„Дали затоа денес имаме толку многу млади луѓе со дипломи, а толку малку што навистина знаат што сакаат?“

Едниот ќе студира медицина затоа што неговите во неа гледаат излез. А тој самиот, во овој момент, посакува автомобил, затоа што сака да си фати девојка..

Родителите на првиот сакаат да го спасат од сиромаштија.

Таткото на вториот сака да го види со диплома во рака, затоа што така му изгледа неговата иднина обезбедена.

Сите нешто сакаат.

Само второто момче вели:„Јас ништо не морам.“

И можеби токму тоа е неговиот прв вистински чин на слобода.

 

Не го доживеав како бунт против родителите.Ниту како адолесцентска дрскост.

Туку како тивко одбивање да ја прифати претпоставката дека животот е список од задолжителни ставки.

Не знам што ќе стане од овие две момчиња.

Можеби високото, со очилата со округли рамки, навистина ќе заврши медицина и еден ден ќе стои во бел мантил во некоја болница во Македонија, наместо во Минхен, Виена или Стокхолм.

Ќе лекува луѓе на својот мајчин јазик, наместо на јазик што денес го учи преку апликации и серии.

Можеби ќе си го купи најскапиот автомобил што ќе може да си го дозволи со свои пари, заработени со труд.

Можеби ќе ја освои токму онаа што ја посакувал кога имал седумнаесет.

А можеби неговиот другар ќе заврши некој факултет затоа што татко му рекол дека мора.

Или нема да заврши.Или ќе заврши нешто сосема друго.

Можеби ќе остане овде и ќе проба да живее според она што самиот го избрал, со некој свој необичен талент за кој денес сè уште не знаеме.

И двајцата можеби ќе успеат.

Според нечии критериуми.

Или нема.

Но јас вечерва долго не можев да престанам да мислам на онаа реченица.

„Ништо не морам.“

Во земја каде што родителите со право се плашат за иднината на своите деца, каде што емиграцијата е речиси стандарден животен план, а дипломата често се доживува како излезна виза, оваа реченица звучи речиси како ерес.

Како нешто опасно.Како одбивање на реалноста.

А можеби токму затоа е важна.

Можеби не треба прво да ги учиме младите што мораат.

Можеби треба прво да ги прашаме:„Што сакаш?“

Затоа што на крајот навистина остануваат само две работи што никој од нас не ги избрал.

Да одиме до тоалет.И еден ден да умреме.

Сè друго? Можеби навистина е избор.

 

 

 

бенита белешкова колумна
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Изборите во БиХ не донесоа пресврт: Додик останува силен фактор, европскиот пат под знак прашалник

October 5, 2026

Франција: Нов бран ученички и студентски протести најавен за 6 октомври

October 4, 2026

Попустот на изданијата на ЦИВИЛ и Frontline Press во книжарницата „Или-Или“ – продолжува

October 3, 2026

На која страна си ти?

October 3, 2026

По посетата на Фон дер Лајен: Љубезни пораки, но без промена на условите за европскиот пат

October 2, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

Изборите во БиХ не донесоа пресврт: Додик останува силен фактор, европскиот пат под знак прашалник

October 5, 2026

Франција: Нов бран ученички и студентски протести најавен за 6 октомври

October 4, 2026

Попустот на изданијата на ЦИВИЛ и Frontline Press во книжарницата „Или-Или“ – продолжува

October 3, 2026

На која страна си ти?

October 3, 2026

По посетата на Фон дер Лајен: Љубезни пораки, но без промена на условите за европскиот пат

October 2, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.