Главната измена во предлог Законот за пензиско и инвалидско осигурување е укинувањето на можноста граѓаните да го продолжат работниот век по навршени 64 години. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска за Алсат вели, жените ќе се пензионираат на 64 години како и досега, но и натаму ќе имаат право, доколку сакаат, да одат во пензија со навршени 62 години, но и со најмалку 15 години работен стаж. Мажите задолжително ќе се пензионираат на 64 години и 15 години работен стаж. Отстапки ќе има само за дефицитарни професии во здравството и образованието.
„Согласно Уставот, ние не смееме да правиме дискриминација по пол. И сегашното законско решение тоа го вели, и опстануваме на одредбата дека и мажите и жените се еднакви. Доколку сакаат работат до 64 години, доколку сакаат со 62 години жените да одат во пензија тогаш поднесуваат барање и заминуваат во пензија на 62“, рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.