Првиот човек на Достоинство Стојанче Ангелов и денеска во 12 часот заедно со своите приврзаници и истомисленици ќе одржи протест пред зградата на Македонската радио-телевизија, бидејќи јавниот сервис и понатаму ги игнорира аудио-снимките од телефонските разговори на властодршците коишто ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Во 12.00 часот, 10.000 воини на специјалната политичка единица на Граѓанскиот пленум ќе се постројат пред МРТ. Христијани и муслимани. Македонци и Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Хрвати, Црногорци и сите други. Политички неопределени и неутрални. Достоинство, сдсмовци и вмровци. Ќе се построиме сите заедно. Со една единствена цел Ослободување на државава од канџите на режимот! Дојдете во нашиот строј, станете дел од македонската историја. Без насилство, со разум и нормално со љубов, порача Ангелов на својот фејсбук-профил.




