Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска во Штип ќе одржи, како што велат оттаму, голем народен собир. Настанот ќе се одржи со почеток во 13:00 часот, во спортската сала „Јордан Мијалков“.
На собирот ќе се обрати претседателот на партијата Никола Груевски и останатите високи членови на партијата. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека јавноста ќе има можност да ги чуе позициите на партијата за актуелните прашања и предизвици со кои се соочува земјава. Претходно народни собири беа организирани во Скопје и Битола.
Од друга страна во Скопје, утрово во 10 часот во хотелот „Холидеј ин“ почнува вториот ден од тематскиот конгрес на партнерот во владејачката коалиција ДУИ.
ДУИ информира дека на делегатите ќе им се обрати Ерхард Бусек, поранешен заменик премиер на Австрија и координатор на Пактот за стабилност. На конгресот ќе говорат и претседателите на трите комори, Бранко Азески, Мендерес Кучи и Данела Арсовска, како и ќе се претстават две анкети од страна на ИРИ и на НДИ.
Во вториот дел кој што започнува во 14:00 часот истиот ден, ќе се оддржи внатрепартиска дебата и ќе се усвои Резолуцијата на тематскиот конгрес.




