Како што дознава НОВА еврокомесарот на проширување Филе на вчерашните средби со претседателот Иванов, премиерот Груевски и лидерот на СДСМ Црвенковски во Скопје побарал одлагање на локалните избори.

Според предлогот на Филе најпрво опозиционата СДСМ треба да се врати во парламентот, под услов да се формира парламентарна или независна анкетна комисија за расчистување на случувањата на 24 декември минатата година.

Во исто време Еврокомесарот предложил локалните избори да се одржат заедно со предвремените парламентарни избори по одржувањето на Европскиот совет во јуни на кој ќе се одлучи за тоа дали Македонија на есен стартува преговори или не.

Дотогаш политичките партии да се насочат кон решавање на проблемот со името и добивање позитивен извештај од Европскиот совет.