Посредникот на Обединетите нации (ОН) во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц до крајот на месецов ќе ги повика преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис на нова рунда разговори, пренесуваат грчки медиуми.
Последната посета на Нимиц на Атина и Скопје минатиот месец, не донесе позитивен епилог во разговорите меѓу двете страни, бидејќи како што тогаш потенцираше посредникот, се уште нема приближување во ставовите меѓу двете земји. Напредок немаше ниту во разговорите кои двете делегации ги имаа во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН.
Песимизмот дека наскоро ќе се најде решение за овој спор, кој засега е единствената препрека за Македонија во евро и евроатланските интеграции останува, пишуваат грчките медиуми, а за новата средба кон крајот на месецот, прогнозираат дека ќе биде од протоколарен карактер, односно дека истата нема да донесе ништо ново во поместувањето во ставовите на Атина и Скопје.




