Две лица кои беа заболени од коронавирусот утрово починале на Клиниката за инфективни болести, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Едниот пациент имал 91 година и бил примен на Клиниката пред осум дена, додека вториот починат имал 31 година.
На 31 годишниот скопјанец вчера наеднаш му се влошила состојбата и тој влегол најтешката форма на болест позната во литературата, како што рече Филипче, со внатрешно крварење, распад на белите дробови.
Во изминатите 24 часа регистирани се 16 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број на заразени во овој момент е 257.
„На инфективната клиника примени се тројца пациенти од Скопје и Куманово. Во моментот хоспитализирани се вкупно 49 пациенти, седум се со потешка клиничка слика, пневмонија, воспаление на белите дробови. Во овој момент нема пациенти кои што се лекуваат на респираторна машина. Стабилна е состојбата на сите други пациенти ширум државата“, рече Филипче.
Министерот рече дека двајца од пациентите во Скопје и на второто тестирање излегле негативни, а уште пет други по вторпат ќе бидат тестирани утре.
„Во период од два до три дена потенцијално ќе може седум пациенти да бидат пуштени на домашно лекување, но по стигнување на тестовите и повторната евалуација на нивната клиничка состојба, без разлика што два теста може да се негативни, ќе биде одлучено како ќе биде продолжено лекувањето“, рече Филипче.
Директорката на охридската болница ќе биде разрешена од функцијата поради случајот со починатата 66-годишна жена од струшко која и покрај препораката од матичниот лекар, не била примена во болница.
Министерот за здравство Венко Филипче извести дека во тек е истрага за целиот случај.
„Денес на увид се инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на одговорноста на сите други вклучени во овој процес и согласно информациите ќе се одлучува понатаму за одговорноста на луѓето вклучени во овој случај“, рече министерот Филипче.
Тој нагласи дека во меѓувреме е покрената постапка од охридското обвинителство и апелираше институциите целосно да ја спроведат истрагата.




