Published: Monday, November 5, 2018 15:54
Градот Скопје започна со менување на имињата на катните гаражи. На следната седница на Советот на Скопје идната недела, пред советниците ќе се најде предлогот за преименување на гаражите „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“, објави „Независен весник“.
Според предлогот на градските власти, гаражата „Македонска фаланга“ во близина на трговскиот центар „Рамстор“ ќе се вика „26-ти Јули“. Поводот е 55-годишнината од земјотресот во Скопје, како и зачувување на историјата на градот.
Гаражата „Тодор Александров“, лоцирана на улица „Даме Груев“ се предлага да се преименува во „Беко“, заради зачувување на урбаниот топоним кој потекнува од стоковната куќа „Беко“, која сега не постои, но граѓаните на Скопје сѐ уште го користат за локацијата каде што се наоѓа објектот.




