Две нови фирми кои се поврзуваат со лица од Македонија се најдоа во документите од Панама, како клиенти на адвокатската канцеларија Мосак Фонсека – Misano Inc и Phalanx Capital Inc со имињата на Саво Станковиќ и Џон Јоновски.
Ова откритие доаѓа од базата од 11,5 милиони интернационални документи популарни како Panama Papers кои ги доби германскиот весник Зидојче Цајтунг и ги сподели со Интернационалниот конзорциум на истражувачки новинари заедно со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) којшто во Македонија работеше со НОВАТВ.
Пишуваат: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Кристина Озимец (Редакција за истражувачко новинарство и известување за корупција на НОВАТВ)
Огромното протекување на документи од панамската адвокатска канцеларија Мосак Фонсека ги потресе светските економски и политички елити. Шансата да се погледне во светот на офшор компаниите е исклучителна, особено ако се знае гаранцијата за тајност која овие канцеларии ја ветуваат на своите клиенти, кои често отвараат фирми во даночните раеви за да избегнат даноци, или пак за да се скријат вистинските сопственици на компаниите.
Масивната дата база во која постојат врски помеѓу повеќе од 360 илјади луѓе и 300 илјади компании ноќеска беше објавена онлајн на веб страницата на конзорциумот. Сепак, кај дел од јавноста се појави погрешна перцепција дека ќе може лесно да се пребаруваат имиња во дата базата, што не е целосно точно. Документите за самото работење на компаниите им се достапни единствено на новинарските куќи- партнери во проектот.
Конзорциумот на новинари ги објави имињата под кои се водат клиентите – фирми и директори, но многу од лицата кои отварале фирми во даночните раеви тоа го правеле со „позајмени“ директори и фирми, за да го скријат својот идентитет. Вистинските газди може да се најдат во документите кои ги истражуваат новинарите.
Само по себе, отварањето офшор фирма не е нелегално но истовремено, значајно е да се нагласи дека даночните раеви немаат висок углед кога се работи за даночната политика.
НОВА вчера објави дека бизнисменот Јордан Камчев, кој е близок до круговите на владејачката партија, се појавува во документите од Панама кои за прв пат овозможуваат доказ за негово директно сопствеништво во една офшор компанија – „Десимарг Лимитед“ основана на Бахамите.
Но кои други Македонци имале фирми во даночните раеви? Во продолжение објавуваме уште два клиенти на Мосак Фонсека:
Компанија: Misano Inc.
Клиент: Саво Станковиќ
Саво Станковиќ е сопственик на македонската компанија Hi-Tech Corporation, произведувач на микронски печатени плочи, која почна како мал фамилијарен бизнис, додека денеска е успешна компанија која оперира на европскиот и американскиот пазар. Името Саво Станковиќ се појавува во документите од Панама кои протекоа од адвокатската канцеларија Мосак Фонсека, како директор на компанијата Мисано Инк, која е основана во 2002 година на Сејшелите. Во еден од документите од ноември 2006 година, Мосак Фонсека, регистриран агент на МИСАНО Инк, потврдуваат дека директори на компанијата се Чарлс Рис и Саво Станковиќ.
Во друг документ пак се наведува дека Мисано Инк е преземена како компанија од Hi-Tech Corporation. Во документите кои протекоа за илјадници светски компании, исто така постојат многу преписки кои се одвиваат преку мејлови помеѓу сопствениците на компаниите и претставниците на Мосак Фонсека. Во една ваква комуникација, Саво Станковиќ исто така се појавува со повеќе испратени мејлови до нив. Во документите од домашните бизнис регистри, во македонските компании на семејството Станковиќ не се појавуваат офшор компании како основачи.
НОВА ја контактираше Hi-Tech Corporation, преку синот на Саво Станковиќ, Нино Станковиќ. кој е директор на новата фабрика на оваа компанија во технолошко-индустриската зона. Тој одговори дека тие се приватни бизнисмени кои немаат ништо со политиката и дека, оттука, нема дополнителен коментар.
Hi-Tech Corporation е првата македонска фабрика која направи фабрика во технолошко-индустриската зона Бунарџик. Компаниите кои прават инвестиции во овие зони добиваат бројни бенефиции од државата, како 10 годишно олеснување на данок, долгорочно користење на земја и друга помош. Неодамна беше најавено дека инвестицијата ќе чини 20 милиони евра и ќе бидат вработени околу 300 работници кои ќе прават хај-тек продукти кои се користат во продукција на автомобили, авиони, енергија и медицинска опрема.
Компанија: Phalanx Capital Inc.
Клиент: Џон Јоновски
Друго познато име на јавноста кое се појавува во документите од Панама е Џон Јоновски, инвестициски банкар и инвеститор. Тој е директор на компанијата Phalanx Capital Inc. основана на Британските девствени острови. Во јавноста Јоновски давал интервјуа за медиуми како основач и менаџер на Фаланга Капитал, како и дека негови заслуги се голем број на трансакции, вклучувајќи ја и деби еврообврзницата на земјата на меѓународните пазари на капитал, како и продажбата на Инвестбанка – Steiermärkische Шпаркасе и Пивара Скопје за Хајнекен и Кока-Кола.
Јоновски, при нашиот разговор првично не можеше да се сети дали има компанија формирана од Мосак Фонсека и рече дека треба да провери, за потоа да ни каже дека не знае зошто го прашуваме за компанија која не е поврзана со Македонија.
„Јас сум австралиски државјанин и ова е приватна работа која не е поврзана на ниту еден начин со Македонија. Работам во многу други земји, во Лондон на пример, но ова нема врска со Македонија и не знам зошто имате интерес за ова“, рече тој.
Потоа примивме уште еден повик од него, во кој тој се распрашуваше детали за новинарката со која разговараше, како опис на презимето и дали може новинарката да го испрати името и презимето по смс.
Инаку Јоновски во јавноста беше исто така актуелен откако даваше препораки дека нема ништо лошо ако Македонија стане даночен рај, кога Владата предложи уставни измени со кои ќе може да се создаден нова финансиска зона во Македонија, по примерот на другите офшор дестинации во светот. Тој во медиумите порачуваше Македонија да ги преслика финансиските зони како оние на Кипар, Малта, Кајманските Острови и други слични места.
„Не треба финансиските зони да се поврзуваат со нелегален капитал. Не гледам ништо лошо во тоа. Едноставно во тие даночни оази големи холдинзи основаат офшор-компании за да им биде структурата поефикасна и од оперативен и од даночен аспект. Тоа се приватни бизниси, од меѓународен профил, формирани со чисти средства“, порачуваше неодамна Јоновски.
Џон Јоновски е член на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“ во сопственост на бизнисменот Свето Јаневски.Тој бил советник во Владата на Владо Бучковски. Во 2006 година пак, медиумите шпекулираат со неговото име како можен советник во идната Влада на Груевски.






