Премиерот Груевски денеска потврди дека е нарачателот на егзекуцијата на новинарите и пратениците на опозицијата од собраниската сала на 24 декември минатата година, реагираше Социјалдемократскиот сојуз откако премиерот побара опозицијата да му се извини на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
„Со амнестијата на Трајко Вељаноски од одговорност за полициската интервенција во Собранието и прогласувањето на извештајот на Комисијата за 24 декември за тоалетна хартија, чувствителниот на душевна болка, Груевски најави дека употребата на сила за неговиот стил на владеење е легитимен метод кој ќе биде искористен во секоја наредна прилика, по потреба на власта“ – стои во реакцијата на СДСМ.
Премиерот Груевски денска побара опозицијата да му се извини на Вељановски за се она што му го направи на 24 декември, коментирајќи ги барањата на СДСМ и другите опозициски парламентарни партии за оставка на првиот парламентарец.
– Ако малку има доблест, опозицијата треба да му се извини на претседателот на Собрнието Трајко Вељаноски за тоа што му го правеше во Парламентот, за стресот што го доживеа на 24 декември, за обидот за спречување на неговото работење, нападот на некој начин или обидот за напад. Тоа е најдоблесно што би можеле да го направат, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Од друга страна СДСМ во реакцијата заклучува дека премиерот Никола Груевски денеска насилството и насилниците ги издигна на ниво на закон и Устав во Македонија.




