Новинарскиот пленум најавува дека утре, точно во 12 часот пред Владата ќе го вратат погребниот венец кој вечерва непознато лице го донесе во домот на новинарот и уредник на НОВА, Борјан Јовановски. На овој начин новинарите ќе покажат дека не му се плашат на нарачателот на овој грозоморен чин, кој вечерва го вознемири семејството на Јовановски.
„Медиумите под контрола на режимот на Груевски со денови објавуваат пропагандни памфлети полни со омраза и повик за линч против нашите колеги, новинари – членови на Новинарскиот пленум и авторите на критички текстови, поради што сметаме дека сносат директна одговорност за ваквите грозоморни закани“, порачаа вечерва од Новинарскиот пленум.
Новинарите бараат од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а лидерот на ДПМНЕ и премиер да го осуди јавно овој морбиден чин и да ги повика своите медиумски и партиски џелати да ги запрат хајките против новинарите и да стават крај на оваа политичка некрофилија.




