Тања Јовановска-Антевска, новинарката од весникот „Вест“ со 14-годишно работно искуство, денеска со одлука на менаџментот е префрлена во дистрибуција. Уредничкиот тим на весникот не бил информиран за одлуката.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реализирал средба со новинарката.
Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис вели дека до менаџментот испратиле официјално барање за средба на која очекуваат да добијат објаснување за случајот и за процедурата на префрлање од една работна одговорност на друга.
„Нема сомневање дека станува збор за свесна и намерна професионална деградација, зад која не стојат валидни аргументи ниту процедура. Овој случај уште еднаш ја потенцира и покажува бруталноста којашто владее во редакциите во Македонија. Новинарите се третираат како најамни работници кои се отпуштаат, деградираат и професионално понижуваат“, вели Чаусидис за порталот „Локално.мк“.




