Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) преку соопштение побараа од претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување при Собранието да го почнат процесот за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.

Секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата.

-Од изборот на членови во овие тела директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, кои треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално. Потсетуваме дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на двете тела врз основа на нивната стручност, се вели во соопштението во кое се изразува загриженост поради целосниот застој на постапката за избор на членови на овие тела.

-Конкурсот беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори. Укажуваме дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор, бараат медиумските организации.

СДСМ пред два дена го обвини претседателот на собраниската Комисија Илија Димовски дека со прекршување на роковите за изборот на членови на двата совети, ги кочи медиумските реформи.

Димовски пак, рече дека во изминатите два месеци контактирал со повеќе пратенички групи за да се забрза, како што ја нарече комплицираната процедура, и ја обвини власта дека не соработува. Тој рече дека причина зошто се уште нема закажано седница на Комисијата е што не е обезбедено двотретинско мнозинство во Комисијата.