Новиот американски амбасадор во Македонија, Џес Бејли, денеска се претстави пред македонската јавност преку видео обраќање, во кое вели, чест му е, нему и на неговото семејство што ќе бидат во Mакедонија во наредните неколку години, и ќе работи на зајакнување на односите меѓу САД и земјава.

– Повеќе од 20 години, Соединетите Држави и Македонија градат динамично партнерство. Јас имам намера да ги зајакнам нашите односи, и да и помогнам на Македонија да го реализира својот потенцијал како динамична, мултиетничка и просперитетна демократија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница, вели Бејли во обраќањето.

Тој потенцира дека речиси 30 години работи како дипломат во Европа, на Блискиот Исток, во Африка и во Азија.

– Јавната служба е значајна за мене и за моето семејство. Јас и мојата сопруга Кејпи се запознавме кога работевме во Амбасадата на САД во Сенегал. Нашиот син, Ноа, е студент и кога ќе дипломра ќе стане офицер во Морнарицата на САД, дополнува Џес Бејли.

Неговиот пат во дипломатијата започнал уште кога имал 16 години и заминал во Франција на едукативна програма за размена, а истата година во него се всадила трајната вредност на градење односи и пријателства помеѓу луѓето од разни земји, а не само помеѓу владите.

– Еден од моите приоритети ќе биде развивањето на тие врски помеѓу учениците, студентите и младите од нашите земји, вели новиот американски амбасадор во Македонија.

Тој овде доаѓа следната недела.

Уште пред да дојде во Македонија, новиот амбасадор на САД наиде на критика за изјава која, сега веќе поранешниот амбасадор на САД во Македонија, Пол Волерс, рече дека е извадена од контекст.

Одговарајќи на прашање на сенаторот Крис Марфи за тоа каква е ситуацијата со Охридскиот договор денес, амбасадорот Бејли рече дека во Македонија има „словенско мнозинство и албанско малцинство“, и дека во многу погледи е постигнат важен напредок, но дека останува уште многу да се стори.

– Работиме во многу области, јавната дипломатија, преку програмите на Мировниот корпус, да изградиме чувство на заедничка иднина и толеранција меѓу етнички албанските и македонски населенија. Се разбира, би забележал дека во составот на македонското општество има многу повеќе отколку само Словени и Албанци. Има Турци, има Роми и други. Така, ова на многу начини е микрокосмос за богатството на Балканот и со цел сите тие населенија да видат заедничка иднина, мислам дека САД имаат важна улога со оглед на нашата историја и на нашиот сопствен збир на вредности во врска со ова, изјави Бејли.

На ова, Волерс во септември минатата година, објасни дека изјавата на неговиот наследник е грешно пренесена.

Пол Волерс потенцираше дека САД не ја менува политиката кон Македонија, укажувајќи дека го почитуваат идентитетот на македонскиот народ.