Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда ќе ги разгледа Предлог-законот за Јавно обвинителство по што ќе го испрати во Собранието.

-Очекуваме поддршка од сите, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе до Министерството амандмани на претходниот текст на законот предложи СЈО да биде дел од Јавното обвинителство за организиран криминал, а не предлагаше никакви кадровски промени во обвинителството за организиран криминал, што практично значи дека во новиот текст на законот е прифатен нивниот предлог Јавното обвинителство на чело со Русковска да ги води случаите на СЈО. Сега зачудува измената на нивниот став по ова прашање, истакнуваат од Министерството за правда.

За опозициската ВМРО – ДПМНЕ во моментов е неприфатливо новото обвинителство да го предводи актуелната шефица на Јавното обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека Предлог законот не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување обвинителство што ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод.

Од СДСМ, пак велат дека предлогот Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во рамките на Јавното обвинителство е токму на ВМРО-ДПМНЕ.

-Предлогот обвинителката Вилма Рускоска да го води ново Јавно обвинителство за организиран криминал не е одлука на политичарите. Рускоска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, изјави портпаролот Костадин Костадинов.

По одбивањето на Мицкоски да дојде на закажаната лидерска средба минатата недела на која требаше да се разговара и за овој закон, премиерот Зоран Заев на прес конференција соопшти дека нема потреба да се пролонгираат преговорите за новиот закон за ЈО и најави дека тој од оваа недела влегува во Собранието. Според него, потребно законот да се донесе летово, а најдобро е овој месец, бидејќи прашањето не смее да се пролонгира со оглед на тоа што очекуваме датум за преговори.

Законот за Јавно обвинителство и решавање на статсусот на СЈО, заедно со засилената борба против корупцијата е и едно од барањата на ЕУ за почеток на преговори за членство.

ДУИ дава поддршка за предложеното решение, но сметаат дека за тоа кој ќе го води новоформираното обвинителство не треба да одлучуваат партиите, туку Советот на јавни обвинители.

Неизвесен е ставот на осумте независни пратеници што дадоа поддршка за уставните измени во контекст на Преспанскиот договор.

Од Алијансата за Албанците имаат забелешки за владиниот предлог, освен во делот на Русковска. Претседателот на партијата Зијадин Села најави дека ќе се обидат да интервенираат амандмански, при што ќе бараат прислушуваните материјали да се користат како докази и во новото обвинителство што го наследува СЈО и во Советот на јавни обвинители да не смее да има партиски членови, поранешни државни функционери кои биле членови на партија и јавниот обвинител да биде експерт од странство.

-Законот кој се предлага има за цел да се амнестираат и да не се користат како материјални докази сите прислушувани разговори кои беа предмет на политичката криза. Ние како партија заинтересирана за вистински реформи сме во многу тешка ситуација. Не поддржувајќи го законот, амнестирани ќе останат корумпираните и оние што ја злоупотребиле службената положба, а гласајќи за ваков предлог закон ние пак ќе ги амнестираме сите, бидејќи законот важи отсега па натаму, вели Села.

Од Движењето БЕСА чиј лидер во петокот имаше средба со Мицкоски, велат дека нема да го подржат новото законско решение, доколку не претрпи битни измени. Тие го условуваат поддржувањето на законот со претходен договор за предвремени избори.

Новиот закон за Јавно обвинителство е предложен, откако претходно немаше успех од повеќемесечните средби на работните групи на власта и опозицијата.

Позицијата на СЈО

Со интегрирањето на СЈО и  Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, новото обвинителство ќе се именува во Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.

Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.