Владата за денеска најави ново задолжување од 12,1 милион евра, преку две аукции на кои на домашните кредитори ќе им се понудат државни записи и државни обврзници.
Позјамените пари обезбедени преку државни записи ќе се враќаат за шест месеци односно една година, додека парите обезбедени преку обврзница ќе се враќаат за две години.
Во врска со денешната аукција, дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов пред неколку дена предупреди дека јавниот долг поради ова темпо на задолжување ги надмина критичните 50% од БДП.
– И покрај тоа што во периодот од 08.11.2016 година до 15.11.2016 година за кога е планирано ново задолжување на домашниот пазар на капитал не доспеваат долгови за враќање, Министерот за финансии на аукцијата на домашни хартии од вредност на 08.11.2016 година побарува 12.2 милиони евра. Односно јавниот долг ќе го зголеми за нови 12.2 милиони евра.
Јавниот долг поради ова темпо на задолжување ги надмина критичните 50% од БДП, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.
министерот за финансии јавно се обврза дека после секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити, но до сега ниту еднаш го нема сторено тоа, се вели во писмената изјава на Наумов.
Според најновите објавени податоци, јавниот долг достигна близу 4,7 милијарди евра или 50,6 отсто од БДП, што претставува рекордно измерено ниво на јавен долг.

