Во 2014 година ќе продолжиме со уште посилно темпо со постојните и многу нови проекти и идеи за подобра, поуспешна и побогата Македонија.
Македонија во која различните етникуми и религии опстојувале и во добро и во лошо и се помагале едни со други. Таа Македонија, ќе оди напред и во 2014 година, порача премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање.
– За 2014 година, во овој момент, веќе имаме неофицијална потврда на најмалку 20 нови странски компании дека во годината која доаѓа ќе почнат градба на нови капацитети во Македонија, а уште други десетина компании размислуваат да донесат таква одлука, и се надевам и дека и некои од нив ќе ја донесат.
Ова се компании кои ќе донесат повеќе илјади нови вработувања во автомобилската индустрија, информатичките технологиии, земјоделието, текстилот, металургијата и производствените дејности.
Но ние тука не застануваме, јас годинава ангажирав и трет министер задолжен за инвестиции, кој го остави својот бизнис и дел од семејството во Америка и дојде да и помогне на Македонија.
Осврнувајќи се на она што на овој план е направено во годинава што изминува, Груевски истакнува дека она што е најважно е што растот на економијата се рефлектирал на ново намалување на невработеноста.
– Таа се уште е висока, но споредено со екстремно високата невработеност на почетокот на мандатот на оваа Влада, кога наследивме невработеност од околу 38 осто, намалувањето за околу цели десет процентни поени, на сегашните 28,7 не само што е историски најниска невработеност, туку се чини и максимум што можеше да се направи во едно тешко време на 5 и пол годишни светски и европски кризи, кога во најголем дел од земјите невработеноста растеше, посочува премиерот.
Интересен податок кој неодамна го добила Агенцијата за вработување по анкетирањето на сите регистрирани невработени, вели премиерот Груевски, е дека повеќе од половината од регистрираните невработени се изјасниле и потпишале изјава дека се пасивни невработени, и дека не сакаат Агенцијата да им нуди работни места. Ние, додава, ќе продолжиме активно да работиме на се што е во наша моќ да се отвораат нови работни места.
Годинава, вели Груевски, се реализирало и даденото ветување за исплата на сите заостанати обврски кон стопанството, а бил потпишан и договорот јужен тек со Русија.
– Од економски аспект 2013 година беше година на постепено закрепнување на Македонија од ударот на европската должничка криза.
Иако истата се уште е актуелна, сепак во годината зад нас имаше мало подобрување во европски рамки.




