Обдукцијата покажа дека е убиен старецот кој вчера попладне беше пронајден мртов во дворот на велешката гимназија. Причина за смртта е силен удар со камен во пределот на главата. Полицијата денеска го соопшти и неговиот идентитет. Се работи за 90-годишниот велешанец Јован Цилаков.
Низ велешката чаршија утрово веќе кружеа приказни дека старецот е убиен. Според непотврдени информации, грабеж била причина за убиството. Засега полицијата не ги потврдува овие информации.
Безживотното тело на Цилаков го пронајдоа случајни минувачи вчера околу 17 часот. Во изјавите кои ги дадоа вчера и тие се сомневаат на убиство.
Чудно е што убиството се случи во близина на едно од најфреквентните места во градот, а никој не го забележал.
Полицијата трага по сторителот на ова свирепо убиство. Осомничени до овој момент нема.




