Обезбеден е хормон за раст за сите 174 пациенти на Универзитетската детска клиника и веќе нема листа на чекање, но во земјава има само тројца специјалисти педијатри ендокринолози поради што е неопходно да се направи посебна супцпецијализација по педијатриска ендокринологија. Ова беше речено на денешниот настан по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата што го организира Здружението „РАСТ“ под мотото „Зборувај гласно“.
Буџетот за терапијата е 75 милиони денари и е строго наменски за Детската клиника. Цените на чинење на терапиите зависат од состојбата на пациентот и се различни за сите.
-Изминатите години зборувавме за дискриминација во лекувањето, едни деца имаа право на лекување, а други со години беа на листата за чекање. Годинава повторно е обезбеден буџет од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) со што се овозможува лекување со хормонска терапија за раст на 174 деца во моментов. Не постои повеќе листата на чекање, истакна претседателот на „РАСТ“, Александар Петровски.
И заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски потврди дека терапијата е обезбедена.