Професорите Крсте Шајноски, Александар Костадиновски и Маргарита Матлиевска кои денеска од 16 и 30 часот официјално го почнаа најавениот штрајк со глад обезбедувањето на Ректорот ги избрка надвор од факултетот.
-Обезбедувањето на Ректорот насилно нè исфрли од просториите каде што штрајкувавме и моментално се наоѓаме пред факултетот. Од Синдикатот за образование ни кажаа дека ќе пристигнат во секој момент за да ни обезбедат просторија каде би можеле да продолжиме со штрајкување. Колку и да нè исфрлуваат, ние ќе го продолжиме штрајкот со глад сè додека не се исполнат нашите барања, изјави доц. д-р Крсте Шајноски за НОВА.

Тројцата професори бараат Ректоратот на Економскиот факултет во Штип да го прифати позитивниот извештај на рецензентската комисија во кој тие се оценети како петпати поквалитетни од потребното и со тоа треба да бидат унапредени од доценти во вонредни професори. Наместо унапредување, Наставничкиот совет не ги признава извештаите на рецензетската комисија со што професорите автоматски остануваат без работа.
Поради тоа, професорите велат дека ќе штрајкуваат со глад сè дури Ректорската управа не пристапи согласно законските прописи и го прифати предлогот содржан во рефератите на рецензионите комисии.
Тие бараат и разрешување на деканот Ристо Фотов поради незаконско постапување при работењето на факултетот за што Државниот просветен инспекторат веќе неколку пати констатирал повреди во законитоста при неговото менаџирање на факултетот.
-Не смееме да дозволиме самоволието на деканот на Економскиот факултет во Штип, Ристо Фотов негативно да се одрази не само врз нашите кариери, животни судби, туку и врз квалитетот на самата институција Економски факултет, Универзитетoт Гоце Делчев и врз високото образование во Република Македонија, велат тројцата професори.
-Доколку овој волунтаристички потег на деканот, со кој се кршат повеќе законски акти и етички норми помине несанкциониран, во иднина, ние тројцата професори ги губиме своите работни места, а колегите кои ќе останат и понатаму да работат на факултетот, постојано ќе бидат исправени пред предизвикот дали и покрај покажаниот квалитет за што единствено мерило е оценката на рецензентската комисија, ќе се соочат со обидот да бидат одстранети од своите работни места, се вели во дописот до медиумите од професорите Шајноски, Костадиновски и Матлиевска.




