НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Обид за ставање крај на хаосот на интернет медиумите: Кој се плаши од саморегулација

0
By Биљана Секуловска on September 6, 2019 АНАЛИЗА, ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Сериозна бура од реакции, спротивставени ставови во јавноста – тоа е епилогот од најавата за регулација на онлајн медиумите и воспоставување на нивен регистер, како обид за намалување на хаосот во интернет сцената кој се шири на целокупната јавна сфера, а е предизвикан најмногу од долгогодишното пласирање лажните вести, како пропагандно оружје во креирањето на антидемократски политики и предизвикување тектонски пореметувања во државата.

Македонија би го следела светскиот тренд, особено европските потези кои целат на регулирање на онлајн медиумите преку саморегулација, со цел намалување, ако веќе не може целосно спречување, анулирање на лажните вести, пласирање на груби, тендензиозни манипулации и злоупотреби, кои ја контаминираат, но и ја девастираат професионалната новинарска заедница- за да ја заробат целосно јавната сфера, преку одредено политичко влијание и дејствување на одредени политички актери.

Акцијата против лажните вести во светски рамки најмногу беше фокусирано во детектирање на политичките напади и делуваше соодветно- преку истраги на руското влијание во американските избори, како и операцијата Брегзит- одвојувањето на Велика Британија од Европската Унија.

Главните дебати во македонската медиумска сцена и новинарските кругови се насочуваа кон стравувањата на целосна владина контрола врз онлајн медиумите, со оглед на фактот што и самата Влада најави своја програма и стратегија во таа борба против лажните вести, за подоцна, согледувајќи ги високите тонови од новинарите, власта сосема да се дистанцира од наметнување какви било решенија, оставајќи слободен простор на делување на медиумските актери- новинарите, медиумските експерти, академската заедница.

Сепак, појдовната точка за наметнување законска регулатива е неопходно да биде фокусирана во примарниот аспект на функционирањето на медиумите- да ја почитува сржта на демократијата- правото на слобода на изразување, а кое е пропишано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права:

  1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право опфаќа слобода на мислење и примање и пренесување информации и идеи без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите од барање лиценцирање на радиодифузија, телевизија или киноматографски претпријатија.
  2. Практикување на овие слободи, бидејќи носи свои должности и одговорности, може да биде предмет на формалности, услови, ограничувања или казни предвидени со закон и се неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречување на нереди или на криминал, за заштита на здравјето или моралот, за заштита на угледот или правата на другите, за спречување на откривање на информации добиени во доверба или за одржување на авторитетот и непристрасност на судството “.

Младен Чадиковски

Токму затоа, дебатите во новинарската заедница  го акцентираа овој проблем, соочувајќи се со непознаниците и од почетокот, недоволно пласирани информации на главните иницијатори- ЗНМ и Советот за етика. Токму затоа, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ги затвора сите дилеми, прецизирајќи дека станува збор за саморегулација на медиумите, наспроти шпекулациите дека Владата е главниот регулатор на медиумскиот интернет простор:

-Напоменувам дека станува збор за саморегулација на онлајн медиумите, ова значи дека ЗНМ и СЕММ заедно со новинарите во наредниот период, ќе изготват критериуми по кои одреден портал ќе може да се квалификува како професионален медиум.

Критериумите ќе бидат прецизни со цел да се препознае квалитетот наспроти пропагандата и дезинформациите, професионалноста наспроти копи пејст „новинарството“.

Тука ќе нема место за фејкери, за анонимни редакции и уредници кои ги кријат сопствеништвата и изворите на пари.

Во светот постојат повеќе слични модели на саморегулација, ние додаваме нов квалитет. Овој регистар, кој напоменувам, не е државен регистар, е прифатен од бизнис заедницата – за почеток од Стопанската Комора, како основа за пласирање на  нивните реклами.  Порталите – медиуми што ќе бидат дел од овој регистар ќе можат да добиваат реклами од компаниите, а тоа секако ќе ги поттикне сите медиуми да се придржуваат до кодексот на новинари, зашто во спротивно нивните извори на финансирање ќе бидат лимитирани. Не не интересира каква уредувачка политика ќе имаат медиумите, ама нема да смеат да лажат и да ги кршат сите кодекси на новинарството.  Ова е во сечиј интерес.

Катерина Синадиновска

Катерина Синадиновска, како претседателка на Советот за етика ја контекстуализира иницијативата, ставајќи ја во политичките препукувања на релација- Влада- портали, во случајот со најавените тужби кон одредени портали, кои објавија информации за инволвираност на голем број на политичари во Рекет, но притоа, не нудејќи никакви докази:

-Веројатно не можевме да избереме посоодветен тајминг за презентација на овој наш заеднички проект, имајќи ги предвид последните настани поврзани со најавите за тужби од страна на високи владини функционери кон интернет порталите, нешто за коешто ние како Совет сметаме дека никако не води кон подобрување на состојбите.

Советот за етика е тело што инсистира на саморегулација, не на регулација на интернет просторот, со јасен став дека не ни треба закон во оваа суптилна сфера и дека Владата треба да си ги држи рацете настрана. Дел од нашата мисија меѓу другото се однесува и на намалување на бројот на тужби од страна на политичарите кон новинарите, повикувајќи се на препораките од Стразбур и на европските добри практики.

Но, ова се разбира не значи дека ние сметаме оти новинарите треба да бидат заштитени мечки и дека треба да се заборави која е моќта на јавно кажаниот збор и каква одговорност таа моќ раѓа.

Проблемот со непочитувањето на професионалните новинарски стандарди е најзастапен токму во интернет просторот. Нашата статистика покажува дека минатата година дури 77 % од добиените претставки се однесувале на текстови токму на порталите.

Прекршувањата се толку очигледни што не мора да сте новинар или познавач на Кодексот на новинари за да ги воочите, но има и такви суптилни, кои нам ни се добро познати, а за широката јавност подзаскриени со што просторот за манипулации станува се’ поголем.

Штетата што се прави со ваквото пишување, кое не е новинарство, кое е далеку од новинарство е огромна и е на многу нивоа. Тоа ја урива и онака кревката доверба на граѓаните во медиумите, креира една недолична и примитивна атмосфера на јавен дискурс каде што граѓанинот го губи основното право, право да биде вистински информиран.

Конечно, ваквото пишување се става во заштита на разни политички или бизнис центри на моќ со што ја уништува и основната улога на новинарството –  да биде слуга на јавниот интерес.

Гневот е голем и оправдан и кај колегите и кај граѓаните. За разлика од ситуацијата со претходната Влада од каде што имаше директни обиди за нови законски решенија и владини интервенции во овој дел, па како реакција на тие обиди всушност и се создаде СЕММ, сега пораките дека ни треба нов закон доаѓаат не од Владата, туку од самите колеги и граѓани и одат дотаму што се бараат лиценци за новинари, па Владата да имала тело што ќе ги дава тие дозволи и слично. Тоа е кратка хорор приказна.
Ние стоиме цврсто на ставот дека тоа е погрешно.

Многу посилни демократии од нашата не се дрзнале да си играат со ваков оган. Не е работа на Владата да оценува кој е, а кој не е новинар. Тоа е работа на фелата и на публиката. Затоа она за што ние се бориме е зајакнување на позицијата на Советот за етика како тело чиишто членки ќе бидат препознати како професионални медиуми, медиуми со јасна визија и цел, медиуми во служба на јавниот интерес и професионалното информирање. Заедно со ЗНМ и со ССНМ изготвивме основни критериуми кои ние ги бараме од нашите членки како основа за нивната позиција на професионални медиуми.

Нашите членки мора да имаат импресум и адреса, да бидат регистрирани како правни лица и да почитуваат даден кодекс на новинарите.

Вториот чекор е нашето обраќање токму кон бизнис заедницата. Компаниите се разбира дека имаат корпоративна слобода во носењето на одлуките и за реклами и за присуство во медиумите, но исто така имаат и корпоративна општествена одговорност, односно мора да се свесни дека со присуството во дадени медиуми испраќаат порака и за тоа какво новинарство поддржуваат, паралелно со финансиската поддршка.

Затоа исклучително ми е драго што Стопанската комора за прв пат се вклучува во еден ваков проект и што наидовме на разбирање за тоа дека и тие ни се потребни како битна алка во борбата за посилни професионални стандарди.

Овој регистар не е ништо повеќе од обид на самиот Совет да ги зајакне стандардите за своите членки. Апелите до бизнис заедницата се исплатија и тие го препознаа овој наш напор.
Што се однесува до агрегатите на вести, со право и колегите и јавноста забележуваат присуство на содржини надвор од стандардите. Ние сме членски организации и нашите критериуми важат за нашите членки, но секако дека ќе испратиме јавен повик и до агрегатите да се придржуваат до нашите препораки, токму по примерот на Стопанската Комора.

Ова е процес што сега го отвораме, ќе биде инклузивен и се разбира дека попатно сме отворени за сите идеи и предлози како да биде поефикасен.

Сите Совети за етика со коишто ние комуницираме во рамките на AIPCE (Алијансата на Независни Совети за Печат во Европа) каде што сме полноправни членки имаат критериуми за прием и за исклучување на своите членки.

Искуствата говорат дека тие се различни во зависност од нивото на демократска развиеност на земјата и степенот на почитување на медиумските слободи. Ниту еден Совет за етика, на пример, не прима членки коишто не ги почитуваат основните критериуми, да имаат импресум, адреса, транспарентност во сопствеништвото и компанијата којашто стои како сопственик и се разбира почитување на Кодексот на новинари. Во разговори со колегите од Скандинавија, на пример, наидуваме на запрепастеност што воопшто е тема дали некој таков медиум треба да е дел од ваков тип на еснафско здружение или не.

Искуствата се различни. Во Унгарија, на пример, за да се зачлени или исклучи медиум, одлучува Собранието на Советот на седница два пати годишно, во Србија членки не се поединечни медиуми, туку Асоцијациите па исклучувањето како и приемот оди преку нив, во Босна и Херцеговина на пример Советот е само за печат, електронски медиуми воопшто не третира, ни телевизии и интернет портали, во Австрија не е замисливо членка на Советот да не објави пресуда (уште еден од критериумите за исклучување). Буквално не може да се направи еднаква паралела никаде оти како е поставено телото и кои се’ медиуми ќе опфаќа зависи од проценката на основачите каде всушност има најголем проблем со почитувањето на стандардите и која е целта што преку Советот треба да се постигне.

Она што е заедничко за сите наши колеги низ Европа е позицијата дека Советот за етика и тука и секаде мора да биде друштво во кое мора да членуваат медиуми кои ќе служат како пример, што значи новинарството и одговорноста на јавно кажаниот збор.

Регистарот што ние го правиме е практички регистар на наши членки. Нешто што секако си постои само сега прецизираме и дополнуваме критериуми и многу е важно што ЗНМ застанува зад овој проект како организација на фелата, ама и Стопанската комора како организација која има една од одлучувачките моќи во финансирањето на медиумите. Со ова СЕММ треба да прерасне во своевиден филтер што ќе ги разграничи професионалните медиуми од оние кои остануваат надвор од процесите на саморегулација со став дека треба да одговараат за својата работа пред фелата и пред публиката.

Да не заборавиме дека иако се зголемува бројот на политичари и институции кои го препознаваат СЕММ како тело каде се обраќаат, најголем дел од претставките што ги добиваме се од самите граѓани, што за нас е многу важно, оти токму пред читателите и публиката е најголемата одговорност на нашите членки.

Професионалните новинари се оние кои ги диктираат правилата

Ана Петрушева

Директорката на Бирн за Македонија, Ана Петрушева предупредува за опасностите кои може да надвиснат над слободата на медиумите и со тоа над демократијата, доколку не се искреира соодветна законска регулатива:

-Регулацијата на онлајн медиуми може да биде вистинско минско поле на повеќе нивоа, од најекстремните да се доведеме во апсурдна ситуација политичари да одредуваат кои се новинари, па се до технички решенија кои што одредени портали кои всушност не се медиуми ќе можат да ги заобиколуваат. На пример, имате портали чии содржини се пренесуваат кои што редовно објавуваат голем број на текстови непотпишани или пак потпишани од автори кои не постојат и фиктивни импресуми.

Решенија пак со затворања, цензури и блокирање на сајтови како во некои земји, само ќе доведат до гушење на слобода на говор и дополнително рушење на демократските вредности, на што и сами сведочевме во минатото.

Од друга страна пак, за саморегулацијата да функционира навистина мора да се повлече линија помеѓу професионалните медиуми и се останато без пардон и без калкулации дали одредени тнр. медиуми уживаат поддршка од една или друга политичка партија. Во моментов, линиите се тотално избришани па така ни јавноста, ни политичарите, ниту пак бизнисот можат да направат разлика што е што.

Поентата на саморегулацијата е фелата да се договори за принципи и механизми за заштита на професионалното новинарство и тоа во идеални услови би значело дека се знае точно кои медиуми може да се акредитираат во институции, рекламните агенции и бизнисите да имаат листа на медиуми каде ќе ги пласираат своите реклами наместо како сега да плаќаат по 1.000 денари на сто места.

Главоболките на медиумската онлајн заедница дополнително се засилени, ако се има на ум експлозијата од создавање на портали низ годиниве наназад, кои на ниту еден начин не можат да бидат дефинирани како професионални медиуми, но и кои создаваат автентичен, авторски новинарски труд, според сите професионални стандарди.

 

Горан Михајловски

Главниот уредник на порталот „Сакам да кажам”- Горан Михајловски има концепт како ќе се овозможи правење дистинкција помеѓу медиумите кои креираат новинарска содржина и оние останатите- платформи кои само се претставуваат како медиуми, без да ја официјализираат сопствената улога- преку транспарентна уредувачка и сопственичка структура:

-Се согласувам со регулација на онлајн медиумите, не на начин што би ја ограничил слободата на говор, туку на начин кој ќе направи јасна дистинкција меѓу тоа што значи платформа за пренесување вести и платформа за создавање вести. Затоа и инсистирам на терминот „дигитална редакција“ наместо веб портал. Кога имате редакција, тогаш значи дека имате уредник со име и презиме, кој е одговорен за содржината што се објавува, имате новинари, фоторепортери, камермани и други медиумски работници кои имаат име и презиме кои ја создаваат содржината и со своето име и презиме гарантираат за содржината што самите ја создаваат и ја објавуваат.

Кога имате редакција тоа значи дека имате барем минимум професионални стандарди кои треба да се почитуваат во новинарството и во заштитата на авторските права. И конечно, имате транспарентна сопственичка структура, или ако станува збор за невладина организација која има медиум имате јасно деклариран проект од кој се гледа како се финансира содржината.

Мери Јордановска

Обврски и одговорност на медиумите се неопходни- потенцира Мери Јордановска, новинарка во агенцијата Макфакс и порталот А1он.мк:

-Во целост ја поддржуваме иницијативата за создавање регистар на медиуми со надеж дека критериумите во иднина  уште повеќе би се заострувале. Македонската јавност заслужува да биде информирана од кредибилни редакции и новинари зад кои стојат уредници – со име и со презиме, намести квази човек-портали кои ја кријат сопственоста, шират лажни вести, рекетираат, навредуваат и клеветат, не сносат никаква одговорност за напишаниот збор, на сомнителен начин добиваат реклами од големи компании, а во заблуда ги носат оние за кои впрочем постојат – читателите.

Професионалците мора да се дистанцираат од оние кои ја дискриминираат нашата професија.

Факт е дека тоа не треба да го прави власта, туку самата фела – со децидно и транспарентно објавување на сопственоста на онлајн медиумот, редакцијата која што работи, фирмата на која е регистриран порталот, адресата, телефонот. Јас би одела и чекор понатаму и сметам дека секој онлајн медиум треба да добива банер, односно „ѕвездичка”, слично како што имаат и хотелите, во зависност од условите што ги исполнуваат, а кои ќе бидат оценувани од сите релевантни новинарски здруженија во земјава.

Факт е дека интернет просторот е слободен и бесконечен, но тоа лесно може да доведе до сериозни последици во ширењето на (дез)информациите а со тоа во заблуда да се доведе публиката.

Регулацијата на онлајн медиумите бара пред се нивно дефинирање како медиуми, вели Бранко Героски, уредник во порталот „Плусинфо”, кој го образложува целиот концепт- акцентирајќи ја потребата од внимателност од оваа операција:

-Пред сѐ, би сакал да нагласам дека и јас и група новинари веќе подолго време се залагаме за минимална законска регулација на интернет медиумите, на начин на кој Законот за медиуми, на пример, ги регулира печатените медиуми. Значи, зборуваме за минимален степен на регулација, кој подразбира регистрација и дефинирање на некои основни статусни прашања за овие медиуми. Неодржливо е интернет порталите, како сега, да се третираат како не-медиуми.

Од друга страна, евентуалната претерана регулација ќе се покаже како контрапродуктивна, од два аспекта. Од една страна, ќе се минимизира значењето започнатите процеси на саморегулација, што не би било добро. Од друга страна, постои опасност Владата да се охрабри амбициозно да ја „регулира“ анархијата која на интернетот му е инхерентна. Таквите обиди дури и во најригидните режими на планетава завршуваат неславно.

Така што, во принцип, потребно е да се најде вистинската мерка и во секој случај, заедно со медиумските професионалци, два пати да се мери, а еднаш да се сече.

Сашка Цветковска

Поддршка на лансирањето на регистер на онлајн медиуми е дадена и од Сашка Цветковска- главен уредник на ИРЛ, еднакво како и останатите новинари, но таа притоа предупредува на опасностите кои ги носи регулацијата, доколку таа излезе од демократските граници:

-Регистарот на медиуми којшто се подготвува од ЗНМ и Советот на етика е во рамки на саморегулацијата и тука не гледам никаков проблем. Целта е да се издвојат анонимните редакции кои, всушност, не се тоа, туку се милитантни формации кои што не се создадени да ја информираат јавноста, туку да ја збунат, излажат, да сеат омраза и страв во јавноста. Тие работат за центри на моќ од дома и од надвор, од политиката и од бизнисот, но не и интересот на оние кои ги информираат.

Добар дел од нив оперираат со поприлично многу ресурси чие потекло е непознато. Овој регистер е чекор напред во промовирањето на етиката, а со оглед на фактот што е во соработка со Стопанската комора каде што членуваат некои од најголемите огласувачи во земјава со децении, целта е и тие да се изложат на притисок каде ќе ги фрлат своите пари. Дали во редакции со импресум и со познат идентитет на оние кои ги креираат содржините и со познат идентитет на сопственикот на медиумот.

Што се однесува до другата дебата дали државата да ги регулира онлајн медиумите, мислам дека тука треба да се сме многу претпазливи. Во многу поразвиени земји има цели работни групи кои вклучуваат не само новинари и новинарски здруженија, туку и политички тела, академската заедница и науката, на пример. И ако една Холандија уште не се дрзнува да влезе во опасната зона на регулација на интернет медиумите, едноставно немам доверба дека вака како што се прави, со пар стратегии на хартија напишани од не знам кои експерти, немам доверба во таков процес, немам доверба дека баш ние треба да сме првите на планетава што ќе носиме легислатива за онлајн медиуми.

Александар Дамовски

Слични, барања има и главниот уредник на порталот “Мкд.мк”, Александар Дамовски:

-Со години го зборуваме истото. Барем седум години колку што јас знам од основањето на МКД.мк. И секогаш исто – регулација, регистрација во Централен регистар како издавачи во дигиталната сфера, фирми со по минимум 1-5 вработени, импресум, сопствеништво, адреса, телефон, листа на портали кои ов, а го исполнуваат и одговор од маркетинг агенциите само таа листа да ја почитуваат…

Разговори се водеа и со министрите на ВМРО-ДПМНЕ и со министрите на СДСМ, но никој ништо не прави. Сите ја имаат таа исконска потреба за манипулации, за шпекулации, за пропаганда, за лажни вести. А тоа најлесно се прави во една ваква хаотична ситуација.

И еве не пак на почетокот. Најава за некаков регистар. Супер ако е ова навистина во завршна фаза. Немам подетални информации за оваа иницијатива за регистар, освен она што беше официјално соопштено. Искуството едноставно не ме остава да се порадувам, па затоа останувам скептик. Се надевам дека овојпат ќе бидам демантиран.

Елида Зилбеари

Идејата за регулација мора да помине низ филтерот и на странските експерти, а не само на македонските, смета  Елида Зилбеари, уредничка на “Порталб”, која се залага за саморегулација, на која фокусот ќе и биде и медиумската писменост и на самата јавност, меѓу останатите цели:

-Секаква идеја и иницијатива за саморегулација секогаш била добредојдена. Порталб како дел од Фондацијата „Метаморфозис„ уште од 2012-та година се залага за концептот самите новинари меѓу себе да се договорат за правилата и начинот на работење затоа што дополнителната регулација од власта е штетна. Регистарот би требало да придонесе за разбистрување на медиумскиот пејзаж, т.е кој е кој, и кој ги почитува новинарските стандарди во нашата фела. Но при изработката на истиот, мора да се консултираат со надворешни и внатрешни експерти. Исто така, многу е битно да се внимава на домашниот контекст при правењето на методологијата и начинот на изработката на регистарот.

Регистарот е чекор напред кон решението во борбата против дезинформациите. А за таа борба секако дека најпотребна е медиумската писменост. Крајната цел треба да ни биде да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.

Европските искуства во саморегулација се значајна појдовна точка

Законската регулатива во ЕУ е фокусирана главно на аудиовизуелните медиуми, во што спаѓаат и одредби за содржината, иако одредени земји во својата легислатива на одреден, лимитиран начин сепак вклучуваат одредени насоки за онлајн медиумите, кои се движат главно во нивна регистрација, додека диктатите за содржината се сосема исклучени. Секако, императив за функционирање на медиумите остануваат базичните професионални принципи и стандарди на новинарството.

Особено важен е фактот што голем дел од европските земји- се работи главно за позрелите демократии, всушност и немаат специфичен закон за медиуми, туку се потпираат на останатите законски решенија- како граѓанското право, кривичното, трговското, корпоративното, правото за интелектуална сопственост, изборното законско решение и даночните законски регулативи.

Биљана Петковска

Императив е интернет регулацијата во Македонија да биде компатибилна со позрелите европски демократии, што подразбира европски решенија, кои строго се придржуваат кон традиционалните медиуми- телевизиите и радијата, појаснува директорката на Македонскиот институт за медиуми, Биљана Петковска:

-Во многу истражувања и анализи досега е истакнато дека генерално имаме добра законска регулатива која е усогласена со европските стандарди во медиумската сфера.

Европските стандарди не предвидуваат посебна регулација на онлајн медиумите, т.е. вообичаено тие не се опфатени со  медиумските закони. Во голем дел земји на ЕУ воопшто и не постојат  општи закони кои се однесуваат на сите типови медиуми, туку  медиумската регулација се однесува само на аудиовизуелните медиуми(радио и тв).

Проблемите во однос на непочитувањето на професионалните и етичките стандарди во онлајн медиумите се евидентно присутни кај нас, но и насекаде во светот, па и во демократски   најразвиените држави.  И покрај тоа што тие кај нас не се дел од медиумското законодавство, за нив важат многу други , обичајни закони  т.е. законите од областа на кривичното, деловното, комерцијалното право, авторските права, антидискриминацијата, слободниот пристап до инфомации и заштитата на приватноста и т.н.

Во некои од државите во регионот (Србија , Словенија), постои т.н. регистрација, своевидна евиденција на он лајн медиумите,  за која е надлежно регулаторното  тело. Но, тоа во никој случај не значи дека на он лајн медиумите законски им се наметнуваат обврски во однос на содржината.

Ниту пак со тоа се елиминира проблемот со објавувањето лаги и груби манипулации  од страна на парамедиуми, кои најчесто се портали кои спроведуваат пропаганда во корист на политички партии и центри на моќ. Постојат за да одработуваат агенди кои не се од јавен, туку од приватен, некогаш и криминоген интерес. Тие ниту се медиуми, ниту во нив работат новинари. Ниту сакаат да бидат регистрирани, ниту работат според етички кодекс, ниту ги интересираат реклами под нормални, пазарни околности. Така што, поднесувањето тужби против нив е легитимен начин за заштита на правата на граѓаните кои се засегнати од објавените содржини.

Сепак, транспарентноста на  сопствеништвото  и уредувачката одговорност, вклучително и на порталите, се важни прашања, бидејќи граѓаните треба да знаат кој  стои зад објавеното, чија одговорност е објавената содржина, според кој етички кодекс работат, што зборува  и за нивниот интегритетот.  Тие податоци кај порталите треба да се лесно достапни за публиката, значи да се објавени на видно место (кај аудиовизуелните медиуми и кај весниците тоа е уредено со медиумските закони).

Ние во МИМ ја поддржуваме саморегулацијата како најефикасен начин за справување со прекршувањата на професионалните и етичките стандарди во медиумите. Но, во ерата на пост вистина и масовно дезинформирање, кое сепак најмногу доаѓа од порталите, важно е да се зајакната механизмите со кои на дезинформацијата ќе и се спротивставиме со вистинска информација и чесно, кредибилно новинарство. Значи, како држава и како еснаф мора да најдеме начин како да го помогнеме новинарството засновано на етички и професионални стандарди.

Ако регистрацијата на порталите е еден од начините да се одвојат порталите кои се медиуми од оние кои се парамедиуми и работат за приватни интереси, наместо во интерес на јавноста, и доколку тоа е став и на професионалните он лајн медиуми, треба да биде поддржано.

Прашањето за статусот на технолошките платформи за дистрибуција, меѓу кои се и агрегаторите на медиумските содржини, треба да биде опфатен во  оваа дебата, бидејќи остварува значително влијание врз јавното мислење и генерира приходи.

Отворено прашање секако останува непознаницата како ќе се прилагодат сајтовите кои се агрегатори на вести- кои освен што пренесуваат професионални онлајн медиуми, во морето на информации на еднакво начи опстојуваат и сајтови и портали кои немаат професионална тежина.

Игор Трајковски

Сопственикот на агрегаторот за вести- “Тајм.мк” (time.mk), Игор Трајковски, остава простор за дополнителни анализи, откако сите отворени прашања ќе бидат соодветно обработени:

-Во однос на најавениот регистер на медиуми, нашиот став е дека ќе ја земеме во предвид информацијата за тоа дали еден медиум е во таа листа или не.

Поточно како тоа ќе влијае на рангирањата на нашиот сајт, не можам сега точно да ви кажам, дали ќе биде исклучиво или со некоја тежина, прво треба да ја видиме, колку медиуми ќе брои, критериумите по кои ќе се формира, итн.

Владата ќе ги поддржи решенијата на професионалната медиумска заедница

Иницијативата на Владата за борба против лажните вести, согласно сличните европски акции ја вклучува и поддршката на професионалната новинарска заедница- преку саморегулација да ги диктира правилата и стандардите, недозволувајќи притоа доминантен партнер да биде власта.

Марјан Забрчанец

Оттука, советникот за односи со јавност на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец јасно подвлекува дека Владата ќе ги поддржи исклучиво барањата од медиумската заедница- без притоа да наметнува свои правила, ниту пак на маса да пласира какви било барања, што би се коселе со веќе договорените правила на игра, востановени од новинарите и останатите медиумски експерти:

-Владата силно ја поддржува иницијативата за семорегулација на порталите, со цел јасно дефинирање и спроведување на медиумските и новинарските стадарди во интернет сферата, односно на веб порталите. Сметаме дека колку побрзо и поквалитетно се изработи регистарот на онлајн портали кои исполнуваат медиумски стандарди, толку побрзо таа иницијатива ќе почне да дава резултат во борбата против дезинформациите. Заради координиран и сопфатен пристап, и заради заштита на граѓаните и јавноста од манипулациите, Владата ќе ги прифати стандардите за порталите дефинирани од медиумската заедница, вклучително и самиот регистар на онлајн медиуми.

Сметаме дека и во интернет просторот кој станува доминантен за информирање, граѓаните треба да знаат дали одредена веб платформа е медиуми или не.

Во нашата земја постојат интернет платформи од кои извираат лажни вести, кои подоцна организирано се шират преку портали со цел да предизвикуваат политички штети, а често и да предизвикуваат стравови, заблуди и паники кај граѓаните. За справувањето со овие појави кои се нарекуваат дезинформации, а подразбираат организирано ширење лаги, сериозна одговорност имаме сите чинители во општеството, вклучутелно и самата медиумска заедница.

Се посилните и позачестени реакции на граѓаните против дезинформациите покажуваат дека јавноста е сензибилизирана и дека свеста се крева на повисоко ниво. Оттука, ги охрабруваме сите иницијативи, медиумски и граѓански, за брзо и интервентно дејствување во одбрана на демократското општество и во промоција на точно информирање и критичко размислување.

Сите ние, и како граѓани, и како институции, и како медиуми мораме да правиме разлика меѓу критиката и лагата. Критиката треба да ја охрабруваме, лагата треба да ја разобличуваме. Во ова бранење на демократијата одговорност имаме сите, а успехот ќе биде поголем ако секој од нас дејствува против дезинформациите.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Париз: Макрон ќе го одликува последниот колпортер во главниот фреанцуски град

August 4, 2025

Чудо што го изненади светот – жена на 76 години за првпат стана мајка

August 4, 2025

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025
ФОКУС

Најмалку 40 Палестинци убиени во Појасот Газа, десет на хуманитарните пунктови

ВЕСТИ August 4, 2025

Најмалку 40 Палестинци беа убиени денес во напади на израелската армија, вклучувајќи десет од нив…

Хамас објави нови снимки од израелскиот заложник Ром Браславски како се грчи од глад: На работ сум на смртта

August 4, 2025

Куманово: Национализам на трибините на кои седеа и Мицкоски, Toшковски, Стоиљковиќ, Димитриески

August 4, 2025

Кијив: Повеќе од 400 напади, гранатирање на 10 населени места во Запорожје – тројца убиени

August 4, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.